Утринско кафе со Билјана Лончар: Утрата ми почнуваат еуфорично

Како и кај повеќето семејства и кај нас утрата се еуфорични и динамични. Ги подготвувам ќерките Јована и Антонија за нивните обврски во училиште и во градинка и за сето она што ги чека во попладневните часови. Затоа, првото кафе го пијам со колегите од Студио Модерна со кои дискутираме за приватни случувања, но и за професионални активности што нè окупираат тековно. Имаме практика секое утро да пиеме кафе заедно и по 14 години поминати во оваа компанија, убедена сум тоа е една од најубавите работи што нè сплотува дополнително. Мојата работа како бренд менаџер на Дормео подразбира многу динамика, снимања, состаноци и конференции во други градови, од оперативна работа, преку дизајн, до продажба, комуникација со различни профили на луѓе и комплексна тимска работа. Она што навистина ме мотивира се среќните приказни на нашите задоволни потрошувачи на кои сме им овозможиле максимален комфор, здрав сон, сме им го унапредиле секојдневието и животот во целост. Неизмерно е задоволството да бидете дел од таква приказна. Студио Модерна работи со годишни, месечни и седмични планови, што се испреплетени на многу нивоа и од тие причини нештата се планираат многу порано во однос на нивната егзекуција. Во овој момент се креираат кампањите што ќе се реализираат во март 2018 година, како и пласманот на новите производи од продуктното порфолио на Дормео. Она што особено ме весели во овој период е наградниот конкурс инициран од Дормео за студенти од кои се бара да испорачаат решенија од областа на графичкиот дизајн за креирање на нова, детска постелнина за момчиња и за девојчиња од 3 до 7 години. Пресреќни сме што овој предизвик го прифатија студентите од ФОН, Европскиот Универзитет и Меѓународниот Балканскиот Универзитет. Со оваа соработка сакаме да креираме силна врска меѓу Дормео и свежите, креативни умови, во насока на искористување на сиот расположив потенцијал, но и обезбедување на поддршка и афирмација на младите и талентирани луѓе да направат исчекор кон глобалниот пазар. Овој награден конкурс се реализира во над 25 земји и дизајнерот на решението што ќе победи ќе стане партнер на Дормео за оваа колекција во сите земји и ќе допре до потенцијални 360 милиони потрошувачи. Пресреќни сме што можеме да ги охрабриме младите да се изложуваат на што е можно повеќе идеи и концепти во потрага по живописни, возбудливи и богати искуства што ќе влијаат на нивните идни креативни решенија и ќе им помогнат да ги развиваат и да ги негуваат своите потенцијали и да веруваат во себе. Денот најчесто ми завршува во друштво на најблиските, со ќерките и сопругот, во домашни обврски или со пријатели, во убава и топла атмосфера, по некоја чаша вино или топол чај. Понекогаш гледаме филмови или играме друштвени игри. Вечерта е совршена оној пат кога знам дека во текот на денот сум дала сè од себе за беспрекорно да ги исполнам своите работни задачи, но и да бидам посветен и одговорен родител. Понекогаш тоа изгледа како учество во „екстремни дисциплини“ но голем дел од тоа е чисто задоволство. Се трудам да не гледам предалеку во иднината и да не трошам енергија на креирање на „мега“ планови. Сакам да живеам во реалноста и да се фокусирам на она што е сега и овде, правејќи го она што најдобро го знам. Секако дека сакам да прочитам добра книга и да се инспирирам од некоја нова, иновативна режисерска интерпретација на приказните што нè опкружуваат. Но, повторно, ако треба да бирам помеѓу книга и дружење со Јована и со Антонија, моите ќерки секогаш ќе го држат приматот. *Билјана Лончар е бренд менаџер на Дормео