Утринско кафе со Ване Маркоски: Црпам енергија од сонцето

Денот секогаш ми почнува со прошетка на моето куче, кое од неодамна е дел од мојот живот и секојдневие. Веднаш после будењето и стандардните утрински ритуали, одиме на мала прошетка, а потоа следуваат подготовките за на работа. Бидејќи сум многу голем љубител на кафе, правам прво мал филџан, додека се подготвувам за на работа, а потоа на работа пијам голема шолја кафе. Обично, не знам зошто, сакам да пијам кафе сам, во тивка атмосфера, во канцеларија. Ме мотивираат позитивни луѓе и убави мисли рано наутро. Сакам кога размислувам за идни планови и нешта што допрва треба да ги направам, а се многу важни за мојата иднина. Кога ќе видам сонце, уште повеќе влегувам во денот со полна енергија и барам мотивација и во најмалите нешта кои што се околу мене. Мината 2017 година сфатив дека животов нема реприза и за еден момент може да немаме ништо, може да не бидеме тука, па затоа си ветив себеси дека секој миг ќе бидам среќен. Обврските во мојата матична тв куќа, Канал 5, секогаш ми се на почеток од денот. Тие се менуваат, бидејќи нашата работа е таква, динамична, но секој работен ден ми почнува таму, со се што носи денот, потоа продолжува со вежбање, како редовен ритуал, па продолжува со обврските на факултет.   Порано многу сакав да шетам, да бидам цело време навака – натака, опкружен со луѓе, но веќе некако сакам помирен живот и повеќе време за себе. Последниве неколку месеци едвај чекам да дојдам дома, да здивнам, да пуштам тв, да сработам нешто на компјутер, ако ми останало од тој ден, сега веќе да си играм со кучето, да разгоравам со некој близок на телефон … Сакам некогаш да сум сам, некогаш со луѓето што ги сакам, зависи колку напорен ден сум имал. Повеќе да прочитам книга, а викенд е периодот кога имам време најмногу за себе. Сакам кога се будам дома, немам никакви обврски, посебно во сабота и со првото кафенце да читнам некоја страна добра книга. Еве на пример сега сум преокупиран со „Едноставно јас“ на нашата Марина Анчевска, потоа знам и да пуштам ТВ, да начекам некој добар филм, но тоа најмногу во недела приквечер.