Утринско кафе со Весна Коваческа Трпчевска: Вредно е да се работи со човек како Заев

Се разбудив, како и најчесто во утрата, без алармот, нешто пред 06.45, тогаш го будам Филип, мојот син, за на училиште, и првиот поглед ми е низ прозорецот кон едно дрво што покрива голем дел од него и кон небото. Кое годишно време и да е, и со зелени лисја, и со портокалови, и полно со лисја, и со голи гранки, секогаш има што да подаде тоа дрво. Некогаш минута, некогаш 5 минути, само гледам кон нив. И пред да станам, пожелувам ова да биде среќен ден за сите. На работа вообичаено стасувам во 8.30 часот и таму го пијам утринското кафе, најчесто сама, прелистувајќи ги интернет страниците и социјалните мрежи, да прочитам нови информации или нешто што останало незабележано од претходниот ден. Меѓу нив, најчесто е и страница посветена на некој писател, филозоф или личност која ќе ми го привлече вниманието со своите гледања на светот и кон животот. И ова последново ми е важно, затоа што ми носи спокој и позитивна енергија што ја вадам во моменти кога ќе имам потреба од неа. И денеска ете е еден ваков почеток на денот. Се случува работниот ден да почне директно со состанок на којшто треба да присуствувам, па тогаш кафето чека, не пијам еспресо кое се пие на состаноците, така што си ги чекам минутите за турско кафе. За мене тоа е турско, не е македонско кафе:). Денеска нема состаноци на коишто треба да сум присутна, премиерот е на пат, овојпат не сум со него, ќе работам на заокружување материјали за една Конференција. Инаку работата во Канцеларијата на премиерот е во поголем дел предвидлива, се работи по претходно договорена агенда на средби и состаноци на премиерот или настани или конференции каде тој присуствува и на коишто е договорено да присуствувам. За дел од нив работам тековни соопштенија за јавност, за друг дел работните материјали од комуникациски карактер се веќе сработени, така што обврската е околу реализацијата. Во меѓувреме телефонот или ѕвони, или стигаат нотификации со пораки, контактирам со новинари од земјава и странство, граѓани кои имаат некаква мака, или сакаат нешто да кажат, или да биде пренесено на премиерот, гледам да стигнам да одговорам на сите. Во меѓувреме споделувам размислувања, со премиерот, со колеги, со министри… околу тековни активности, во коишто можам да дадам придонес. Обично, кога премиерот не е на пат, има дел од денот што не е предвидлив, средби и состаноци во Владата или на терен, така што гледам да сум подготвена и за таквите обврски. Ова е работа којашто нема работно време, којашто бара и професионалност, и кондиција, и сериозност, и доверливост, и многу посветеност и многу љубов, а во мојата душа го има сето тоа. Честопати ми велат дека се гледа дека е сработено со душа и јас навистина работам со душа. Многу е убаво да се работи тоа што се сака и да се сака тоа што се работи. За тоа ми се чини дека е потребна силна верба дека сме дел од нешто вредно. Со човек како што е премиерот Заев, баш е вредно да се работи. Како што може да се забележи, работам тивко, како што избрав и да живеам. Си одам дома со автобус, како и што доаѓам, колку и да е часот, така што често е веќе темно надвор. Кога има можност споделувам дел од вечерта со драги луѓе, некогаш одам директно дома, каде си го имам Филип, па душата секако ќе ми се насмее. Ќе тропнам додека сум на нога и во соседните станови, да ги ѕирнам дали се добро мајка ми и тетка Лена кои ми се наоѓаат многу често околу домашните обврски, и на кои сум им многу благодарна за тоа, потоа ќе си облечам пижами, ќе јадам, најчесто супа:), и или ќе продолжам да пишувам, кога за на работа, кога нешто приватно, или ќе си легнам. Очекувам слично ваков да е и денешниот понеделник. Но различно ми почна денот, со тебе Ирена и со Женски Магазин:) и ви благодарам од срце што бевте дел од моето утро и што имав можност и да јас да бидам дел од вашето. И, на здравје кафето, на сите кои се со нас ова утро.