УТРИНСКО КАФЕ со Виктор Илиески: Сакам уметниците да имаат одличн статус во општеството

Најпрво сакам да ги поздравам Вашите читатели и да им ги честитам Новогодишните и Божиќните празници. Од 8.30 се упатувам на моето работно место во Македонската филхармонија. Таму го пијам моето прво утринско кафе со колегите и соработниците. Навистина имам огромна мотивација и сатисфакција. Да се биде прв човек на најстарата музичка институција во државата, а од октомври официјално имаме свој дом е огромна одговорност и предизвик за мене, бидејќи доаѓам од институцијата во која член сум од 2000 г. Сакам да направам услови за сите мои колеги, кои ќе бидат совршени. Ваквата шанса што ја имаме како генерација е од огромно значење за нашата институција. Моја желба како член на Филхармонијата да биде најдобрата и најдобро организирана институција, а уметниците да имаат одличен статус во општеството, бидејќи го заслужуваат тоа. Се разбира и ние како уметници најпрво треба да го дадеме од нас максимумот, бидејќи сега нема простор за оправдувања за квалитетот. Јас секогаш тргнувам од девизата: ПОКАЖИ РЕЗУЛТАТИ, ЗА ДА БАРАШ ПОДОБРИ ПРАВА. Обврските на работа ми се големи. Бидејќи на некој начин сум и уметнички директор и технички за одржување на објектот. На почеток имам состаноци со вработените од администрацијата, неопходни подготовки за тековната програма на филхармонијата, исто така планови за активностите во малата камерна сала, која што како и големата концертна сала се користи со најразлични настани, концерти, промоции. Исто така имам ангажмани и преговори со компании со кои имаме соработка и сме поддржани од нив. Се разбира тука се и средбите, состаноците, телефонски разговори со потенцијални солисти и диригенти кои се планираат да бидат дел од програмата на филхармонија. Најомилени ми се средбите со музичарите од филхармонијата, на кои разрешуваме тековни ангажмани, разговараме за идеи и предлози за подобрување на квалитетот на изведбите за концертите. Се разбира имам состаноци и во Министерството за култура, кое е наш стожер во нашето функционирање. Од отворањето на сезоната месец октомври до последниот концерт од 2017 г. Гала – Новогодишниот, речиси секоја вечер имавме настани во Филхармонијата. Бев присутен на сите настани бидејќи секој од нив имаше свое значење, различно искористување на озвучувањето, акустиката, осветлувањето. Можам да кажам дека овие месеци најголем дел од времето сум во објектот на Филхармонијата. Се разбира имав доста присуства на приеми во амбасади, театарски претстави на кои на најголем дел од нив бев придружуван од ќеркичката Ана, (бидејќи сопругата е посветена на бебето кое има само 6 месеци). Ана иако има само 2 години, навистина има огромно внимание и покажа голем интерес за концертите и претставите каде што присуствуваме. Се разбира дека читањето книги ме опушта, но, овој период сепак моето мало и драгоцено слободно време го поминувам со семејството. Навистина е огромна разлика да бидеш музичар и да водиш институција, од крајот на јули откако сум назначен за директор имав само 2 дена одмор, кои ги искористив за гостување како музичар во Дубаи, каде што имавме концерт на отворено пред кулата Burj Khalifa. Градот Скопје денес нуди многу културни можности за релаксирање и поминување на квалитетно време на граѓаните. Има квалитетни театарски претстави, прекрасни кина со технички можности. Конечно институциите треба да добијат публика која ќе биде желна за квалитетни проекти. *Виктор Илиески, директор на Македонска Филхармонија