Утринско кафе со Долорес Атанасова Лори ака Д. А. Лори: Сè што правиме го менува светот

Утрото е мое време. Станувам рано со чувство дека нешто пропуштам, дека некое делче од денот нема да го видам или чујам, и таа фалинка си ја носам од дете. Многу љубам кога наутро сè е тивко, се слуша само кафематот и мачката која бара внимание. Среќна сум што не морам да одам на работа рано наутро, тоа не би ми успеало, мојата работа почнува подоцна во денот. Тоа никако не значи дека не работам од сабајле, напротив, тоа ми е најактивниот дел од денот, тогаш пишувам, дочитувам книга, го планирам денот, се организирам пред да влезам во таа машинерија која ја движиме сите ние. Првото кафе го пијам сама од проста причина што никој, никогаш во домов не е буден толку рано, и добро е така, оти не сум најзборлеста личност сабајле, ми треба тоа време сама со мисливе, така вратена од некое сонување, или проблем кој сум го мислела и ме мачел, па треба да се решава. Затоа можеби најдобро ми оди муабетот со мачкава од сабајле.   И после почнувам. Она што ме крева и движи секој ден е помислата дека сè што правиме го менува светот во кој живееме, барем за трошка. Јас си ги гледам децава, и сосема природно пуштам рака за да се водиме низ денот, низ периоди од животов, сакам да станат убави луѓе, паметни, а чисти, благородни, сакам во нив да се буди човекот кој ќе го прави светот поубаво место, и како растат, гледам дека ни успеало со сопругот. Во работата ме мотивира и инспирира желбата на луѓето да знаат, и кога им стивнува таа желба, одново да ја разбудам во нив. Моите ученици се во исто време и мои учители, оти никогаш не сум се обидела да им наметнам авторитет и надреденост и уживаме заемна почит, од најмалите ученици до највозрасните. Сакам кога ќе ја разбудам и љубопитноста кај нив, особено кај оние too cool for school тинејџери и да ги натерам да сакаат да учат и да научат, не за оценка, за знаење. Денес не е лесно да научите некого нешто, доаѓаат генерации кои мислат дека знаењето е на еден клик од нив, мора да разберат дека за да знаеш треба многу да се трудиш, дека се отвора книга, се чита и се размислува за прочитаното, се прашува и се разговара за прочитаното, за да стане дел од нив. Живееме во време кога многу брзо се заборава, она што ќе го научиме останува да биде добра потпора низ животот. Навечер кога се прибираме дома со себе го носам товарот од денот кој изминал, го седнувам до мене и го мислам, оставам малку времето да поработи, не можам јас сè. Навечер сме сите дома, споделуваме случки, проблеми, викаме, се смееме, се лутиме еден на друг, си помагаме еден на друг, со други зборови, нема лабаво, денот трае додека трае. Најпосле, денот завршува со мир и тишина населена по ѕидовите, и по некое преместување мебел кај комшиите во ниедно време, колку да има што да ѝ парира на тишината. Ја отворам книгата онаму каде што сум застанала сабајлето, или серијата, онаму каде што сум ја оставила; дочитувам, догледувам и заспивам, ама не пред да погледнам надвор. Погледнувам низ прозорецот, сакам осветлени прозорци, му пркосат на мракот надвор, отаде нив некој живее. *Долорес Атанасова Лори ака Д. А. Лори e професор по англиски јазик и автор на книгите поезија Будење во трето лице еднина, во издание на Блесок и Со ветрот под рака, издание на Антолог