УТРИНСКО КАФЕ СО ДРАГАН ТАНЕВСКИ: Денот ми почнува со прашалници

Денот ми почнува со еден мини-прашалник во стилот – кој си, што си, од која галаксија си, кој датум е. Откако ќе си одговорам точно (којзнае по чиј критериум е тоа точно) на сите прашања, ставам ѓезве и правам кафе за мене и сопругата. Потоа го пиеме заедно. Најмалку еден час. Она што ме мотивира не секогаш се некои спектакуларни работи. Знаеш, кога ќе научиш да ги користиш сите сетила, ќе наоѓаш мотивација и во многу мали нешта. Поглед, разговор, размена на енергии од било кој вид. Една насмевка на измачено лице ми е огромна мотивација. Во тој момент сфаќам дека и покрај тешките битки што човекот ги води, сепак не се предал. Насмевката ми е гаранција дека тој кој ја носи е победник, без разлика на исходот. Тоа мала мотивација ли е? Мојот дневен план ги координира сопругата, трите деца, фирмата, неколкуте започнати книги на кои паралелно работам... Одржување контакти со драги луѓе, одговарање на пораки. Па, скоро и да не останува слободно време. Вечерта секогаш ја завршувам со мојата вечна инспирација, мојата сопруга. Никогаш не ни се доста муабети за сè и сешто. Си раскажуваме како ни поминал денот, разговараме со децата, се обидуваме да исправиме некои криви дрини, дека светот секогаш упорно ни брише нешто што ние сме напишале, па треба да се напише повторно, секогаш со потрајни мастила. Во моментов ја читам „Тврџава“ од Меша. На оригиналниот јазик, дека тука и е душата. Читам сè и сешто, многу, многу техничка литература, ама наоѓам време за некој роман. Филмови обично гледам на рати, дека најчесто заспивам пред ТВ.