Утринско кафе со Емилија Бунтеска Нацоска: Уживам во убавината на љубовта од моето семејство

Кога ќе отворам очи, не помислувам на кафе. Веднаш помислувам на тоа дека и ова утро треба да подготвам здрав и балансиран појадок за мојата ќерка Лена која наскоро ќе има една година и осум месеци. Додека јас го подготвувам нејзиниот појадок, мојот сопруг Филип го подготвува нашиот. И тогаш почнува „смената“ на баба Лидија дома, а мојата во Радио Мрежа Канал 77. Некогаш пијам кафе додека се подготвувам за мојата претпладневна радио дружба со слушателите која стартува во 10 часот. А некогаш кафето го пијам во друштво на моите фантастични колеги во скопското студио на Канал 77, по крајот на емисијата во 14 часот. Некогаш не го ни пијам. Кафето не е задолжителна станица или стимулација во моето дневно мени. Како минува времето, совршено јасно ми станува дека не постои ништо повеќе мотивирачко од фактот дека имам прекрасно семејство и еден мој свет, полн со многу љубов и топлина. Ме мотивира тоа што знам дека нема таква грижа или напор во текот на денот, кој не може да се избрише во истата секунда кога ќе влезам дома. Таму ме чека мојата ќерка со очиња кои блескаат од среќа зашто дошла мама и со две рачиња кои ме гушкаат најискрено и најсилно. Таа е еден дел од мене за кој би го направила и невозможното. Кога на ова ќе го додадам и фактот дека имам привилегија да уживам во брак кој е полн со љубов и разбирање, сфаќам дека влегувам во „категорија“ - најсреќни луѓе на светот, па имам редовна мотивација на дневно ниво. Непресушната љубов на моите родители и љубовта на родителите на мојот сопруг кои со цела душа се вложуваат во нашата семејна приказна се посебно важна мотивација во мојот свет. Кога станува збор за работата, ме мотивираат забелешките од поискусните колеги и претпоставените. Секако дека ме мотивираат и нивните убави зборови за добро завршена работа. Посебно затоа што по 9 години ТВ новинарство, од кои последните неколку бев дел од тимот на ТВ магазинот „Бекстејџ“, прв пат сериозно влегов во радио филм токму во Канал 77. Телевизијата и радиото се два прилично различни медиумски светови. Па добронамерните радио критики и совети последнава половина година, ме поттикнуваат да се трудам повеќе. Охрабрувањата дека одам кон подобро, дека ќе биде, дека добро се вклопувам…ми беа поволен ветер во грбот. Моите дневни планови и обврски се главно фокусирани на работата и домот, со по некое кафе или излегување со пријателите некаде помеѓу. Дома се трудам да бидам најдобрата „верзија“ на мајка на мојата Лена, на работа се трудам да ја извадам најдобрата верзија од себе во професионална смисла. Денот најчесто ми завршува во друштво на сопругот. Освен кога игра Лацио - неговиот омилен тим. Тогаш тој се дружи со „небесно-сините“ во неговата верна навивачка дружина „Lazio Fans Macedonia“, а јас се дружам со сама себе или со некој од пријателите кои ми прираснале за срце низ годините. Некогаш ми е фино сама да си ги преслушам своите мисли. Друг пат ги споделувам со некој од најдобрите пријатели и така ми завршува денот.   Во мојата листа на желби стојат добрите книги и филмови. Ама во последно време баш и не се дружиме како некогаш. Не се жалам што последниов период немам често можност, односно време да свртам некоја квалитетна страница или да погледнам исто таква сцена. Бидејќи времето ми е пополнето со убавините од погоре. Со моето семејство го живеам на дело најубавиот филм и ја пишувам најубавата и најважната приказна во „книгата живот“. Би ги прочитала и прегледала уште безброј пати. И не би сменила ама баш ништо.