Утринско кафе со Ивона Христова: Денот сакам да ми почне со позитивни луѓе

  Денот секогаш се трудам да го почнам колку можам порано, и секако се трудам да го почнам со насмевка. Нема посебни ритуали, освен прошетката со Марли. Мојата работа бара креативност и убаво расположение затоа и денот се трудам да го почнам со позитивни луѓе. Затоа скоро секој ден мојот прв чај (кафе никако не консумирам) го пијам со мојата колешка и правиме планови за работниот ден. Најголема мотивација ми е - успехот и тоа што го работам тоа што го сакам. Си ја обожавам работата, креативна е, интересна е, динамична, запознавам многу луѓе. А се тоа е тоа што ме исполнува во однос на работа. Во текот на денот имам тековни обврски, но најголема обврска која си ја имам зададено на себе е - поминување на време со семејството колку можам повеќе. Секако тука се тековни состаноци со соработници. Состаноци со клиенти. Со оглед на тоа дека работам со декорација и во моментот е сезона на новогодишни декорации, деновите ми се пребукирани со состаноци, обврски, декорирање. Денот секогаш го завршувам со подготвка на вечерата за семејството, некако традиција ни е дома да секоја вечер вечераме сите заедно и скоро секогаш јас сум задолжена за приготвување на истата. После тоа следи преслушување -„ дали денеска завршив се што требаше“. Денот најчесто го завршувам во кругот на семејството, дома. Љубител сум на домашна атмосфера. Обожавам книги, многу често читам посебно пред спиење затоа што доцна легнувам. Не сум филмоман, кога веќе нешто сакам да гледам тоа се документарни емисии. *Ивона Христова е сопственик на La Feerie