Утринско кафе со Игор Филевски Филе: Нема ден без книга и филм

Веќе скоро деценија нема за мене „утринско кафе“. Има попладневно или вечерно „прво кафе“. Не дека сум се одвикнал да пијам кафе наутро, туку дека утрото го користам за спиење додека внатрешниот аларм „што си го инсталирав во телото“ не ме разбуди. По скоро 4 децении живот со будење рано наутро, морав тоа да го променам. Дојдов во ситуација во која морав да одберам дали ќе продолжам да умирам пополека или да го променам начинот на живеење и да живеам колку подолго можам. Една од работите беше токму тоа. Да не се будам веќе под стрес на алармите, часовниците и притисокот на работните задачи. И токму затоа „утринското кафе“ ми се претвори во пладневно или попладневно. Но тој ритуал го задржав како еден од најважните за бистар ум и здрава подлога за попладнето и вечерните часови. Со оглед на тоа што веќе наближив кон петтата деценија од живот, тоа наметна едни нови стандарди. Веќе сум во годините каде не постои лицемерно поврзување со денот и ноќта. Годините веќе ми се доволни за да знам што е квалитет и да не отстапувам од него по ниедна цена. Веќе дури ни кафе не пијам ако не ми е погодено, а не пак да се дружам со луѓе кои не се по моите високи цивилизациски стандарди. Оттаму доаѓа и мотивацијата. Да се направи што е можно поквалитетен денот, секогаш повеќе од претходниот. Главните мотори во моментот ми се Аргентина (како повозрасна и која живее со мајка ѝ во Македонија) и Лео (како едногодишно детенце кој живее со мене и мајка му, на прекрасно изолираниот остров од континенталните глупости). Тие две суштества ми создаваат таква мотивација што е необјаснива со рационално размислување, да се биде што подолговечен, да се биде остроумен и да се пренесе што повеќе од убавините и добрините на тие две суштества. Терапијата ми е приоритет во денот. Терапијата што ми овозможува да бидам здрав и остроумен, неопходна за да можам да дишам како што треба и да бидам што подолго со луѓето кои ги сакам и кои ми значат во животот. Затоа некогаш се случува да бидам „исклучен од настаните во светот“ по цел ден, а потоа навечер да бидам буден и „разработен“. Оној што бев додека живеев во Македонија, кога 24/7 трчав по телевизиите, радијата и печатените медиуми за да си ги завршам работните обврски одамна не постои. Околностите и ситуацијата генерално ми наметнаа еден сосем друг начин на живот кој е дијаметрално спротивен од претходниот прв дел на приказната, со помалку стрес и помалку луѓе околу мене. Денот како бројка ми завршува со изгрејсонцето, но денот како денска светлина „завршува“ скоро секогаш со Весна и Лео, вечера која многу често е и ручек и појадок за мене и старт на дел од „работните обврски“. Понекогаш одбирам друштво со кое сакам да споделувам мислења, ставови па дури и да спротивставувам. Тие „симпозиуми“ најчесто ги правам со блиски и мене драги луѓе кои живеат на островот или на некои од социјалните мрежи. И на нетот има остроумни кои не се „навлечени“ на секојдневните манипулации, не многу ама доволно. Книга или филм, тоа е единствената работа која скоро и да не се случило да ја пропуштам во последнава деценија. Ако во првиот дел од животот немав такво слободно време за книга и филм (кое сепак го имаше, но не како сега) сега не постои ден без 30-40-50 страници од некоја книга и еден филм, минимум. Понекогаш во текот на денот гледам два или три филма. Понекогаш. Но, без книга или филм не би можел да си го замислам остатокот од животот.