Утринско кафе со Ирена Чаушевска: Уживам во љубовта

  Мојот утрински ритам еволуираше низ годините и се приспособуваше на мојата кариера, семејство, хобија… Паметам дека за време на студиите честопати станував и во 4 часот наутро, за да можам да одам најпрво на јавање во блискиот хиподром, потоа 1 до 2 часа да поминам на факултет, а веднаш потоа да стигнам доволно рано на работното место, каде бев ангажирана со полно работно време за целиот период додека студирав. Подоцна, по раѓањето на ќерка ми, во периодите кога паралелно ја застанував на нозе и мојата прва компанија, денот и ноќта речиси воопшто и не се разликуваа. Завршувањето на работните обврски и грижата за Миа, која одбиваше да спие подолго дури и во текот на ноќта, беа и паралелни и наизменични. Ова најчесто резултираше со 2 до 4 часа спиење во едно деноноќие со по неколку ноќни и утрински кафиња. Денеска мојата утринска и дневна динамика ја диктира првенствено локацијата каде се наоѓам. Ако сум во Македонија станувам малку подоцна и го пијам утринското кафе заедно со партнерот. На работа во Њуменс Акцелераторот одам после 10 часот, затоа што добар дел од професионалните обврски ми се поврзани со контакти и разговори со соработници, партнери и компании од Америка, особено околу актуелната програма iSummer - Работи по струка во Америка, чиј ден заради временската разлика стартува и завршува 6 до 9 часа подоцна на што и јас се приспособувам. Кафето во текот на денот на кое посебно му се радувам, е испиеното со колегите во канцеларијата во Скопје, спроти Техничкиот кампус во Карпош 2, со кои разменуваме информации за најновите случувања за iSummer, размислуваме како да приближиме што повеќе глобални можности до младите во Македонија, а ја планираме и осмислуваме и организацијата на натпреварите за студенти и стартапи за NASA (Националната Агенција за Аеронаутика и Вселена на САД) и ЕSA (Европската Вселенска Агенција) во Европа и Америка во 2018 година. Кога сум во Америка станувам најмалку 3 часа порано затоа што во денот вообичаено имам и по неколку состаноци кои најчесто ги делат по 30 до 100 милји па кафето тогаш најчесто го пијам од термосот во кола, каде будноста и концентрацијата ми се и повеќе од потребни. Термосот секогаш го полнам до горе за да ми трае до крајот на работните обврски. Чајот што во Америка си го правам пред спиење нешто после полноќ најчесто е истовремено со првото утринско кафе на колегите во Македонија кога по Вибер или месинџер си ги разменуваме најбитните тековни информации. Времето поминато во авион на долгите прекуокеански летови за мене е комбинација на: гледање добар филм, правење подготовки за локацијата на која одам и читање за нова област во која сакам стекнам знаење или пак на актуелно бизнис списание. Местото на кое целосно уживам и си дозволувам да не гледам на саат е нашата летна куќичка. Таму ги полнам батериите, работам на отворено, дизајнирам, прототипирам и учам нови работи, се исклучувам од вревата на секојдневието и социјалните медиуми и уживам во љубовта, во природата и разноликоста што секој ден ја носи со себе.