Утринско кафе со Кристина Антиќ-Георгиевски: Среќата самите си ја создаваме

Ги сакам сончевите утра, тие се одлично време за фокусирање на малите детали кои ме прават среќна и задоволна. За добро расположение си ја пуштам омилената музика и го подготвувам моето смути од микс овошја. Утринското кафе или чај го пијам со моите колеги на работа. Работниот ден како маркетинг менаџер на ИЕГЕ ми започнува со утринско планирање на дневните активности, состаноци и агенда за идните проекти и патувања. Овој период сум фокусирана на еден голем европски проект кој претставува специјализација во маркетинг и евент менаџмент, и подготовка за првиот проект состанок со нашите европски партнери кој ќе се одржи во Велика Британија. Паралелно, се подготвуваме за новата летна сезона во Cherry Orchard Wedding&Event Management, во план се голем број на корпоративни настани, забави и свадбени прослави. Подготвуваме една уникатна приказна за сите кои сакаат модерни настани во природа и под отворено небо. Ни следи доста активен и интересен период. Нема поубаво чувство кога тоа што го сакате го работите и го реализирате дел по дел. Понекогаш е тешко да се излезе од комфор зоната и да се ризикува во животот, но сметам дека навистина најголем ризик е ништо да не се ризикува. Среќата самите си ја создаваме, имаме само еден живот кој нема реприза и затоа треба да го направиме една незаборавна авантура. И во купот работни обврски, секогаш се трудам да најдам време за повеќе спортување, нешто што ми ја дава потребната позитивна енергија и виталност, додека за викендите искачување на Водно е решение за сите проблеми• Крајот на денот го завршувам во релаксирана домашна атмосфера, уживам во читање на модни портали и магазини, гледање на добар филм или серија. Најсреќна сум кога се гушкаме со мојот најсакан внук Лука. *Кристина Антиќ–маркетинг менаџер во Институт ИЕГЕ и компанија ГИМ. Сопственик на Cherry Orchard Wedding&Event Management