Утринско кафе со Ксенија Николова: Денот ми почнува различно

Денот ми почнува различно, колку и да се трудам секој ден да следам некои ритуали, сепак тоа не ми успеало до сега. Имам добри и лоши денови, и тоа е едноставно така. Во добрите денови денот ми почнува убаво, со музика и насмевка, со долго огледување во огледало и внимавање на себеси, со цедено сокче кое навистина многу го сакам и кафе, со појадок кој не секогаш целосно го јадам, но сепак успева да ме држи до моето попладне и да ми направи убаво да се чувствувам. Во лошите денови е сосема поразлично, се случува да немам желба за ништо и да го протуркам денот како да не ми се ни случува, да не го забележам сонцето, да не уживам во светлината, да не се радувам и да не сум воопшто мотивирана. Живи луѓе, изгледа мора да е така. Затоа секогаш кога ќе прочитам дека некој апсолутно секој ден станува мотивиран и има желба за комплетно истиот распоред, јас се восхитувам. Браво, си велам. Сакам и јас да стигнам до таа точка, ќе се трудам и јас да стигнам до таа точка. Моите дневни обврски се различни, но генерално одам во својата продавница за накит „Две Шмизле“ во трговскиот центар Беверли Хилс, поминувам некое време таму, завршувам некои обврски околу продавницата, а потоа денот ми варира од останатите околности. Често имам обврски околу пишувањето, одговарам на по некое интервју или некаде гостувам, се трудам да вежбам или барем да имам било каква спортска активност во текот на денот дури и обична прошетка, се гледам со блиските и денот завршува. Филм или книга е речиси секогаш во мојот распоред, или едноставно гледам некои документарци или интервјуа со луѓе на кои им се восхитувам. И пак ќе кажам, сето тоа во теорија звучи прекрасно, но нема да лажам дека како и многу луѓе така и јас се борам со деновите во кои ги сакам завесите спуштени, телевизорот вклучен но без тон, косата ми во пунџа и сум во најстарите пижами на светот, велејќи си самата на себе (ќе го кажам на англиски бидејќи звучи поубаво): „This will pass too“…