Утринско кафе со Лидија Станчевска: Го сакам изгрејсонцето

Станувам во зори пред разденување за да го видам раѓањето на денот. И му благодарам на Бога за секое ново будење, за секое ново утро и длабок здив. Обожувам изгрејсонце, исто како и залез на сонце. Тоа се магични моменти. Денот го почнувам со вежби за дишење и растегнување, чај, топла лимонада и средување, задолжително шминка. Седум часот е резервиран за ритуалот, будење на мојата ќерка Дора, гушкање, бакнежи и галење во кревет, а потоа и разговори и планови за денот. Дора е мојата среќа, мојот импулс во животот, мојата енергија. Дотерани и средени, во осум веќе сме во училиште, за потоа да продолжам со моите работни обврски во Нет Прес. Прво читање на имејлови, текстови на интернет страниците и социјалните мрежи и задолжително страници на некои писатели, филозофи, психолози. Секој ден ме води некоја мисла која понекогаш ми дава спокој и позитивна енергија. Еве денеска една од двете најкратки тајни за среќа на Ајнштајн: „Мирен и скромен живот донесува повеќе среќа од потрагата за успех која секогаш е немирна“. Но јас контра тоа, немирен дух, иако во последно време искрено, се смирувам. Секојдневно, па така и денес состаноци со нови потенцијални клиенти кои би се рекламирале на Нет Прес, следење на маркетиншките и пр. активностите на нашите долгогодишни клиенти на кои сум им многу благодарна, изработка на документи, фактури, Медиа планови, разговори за натамошни активности и преземање на нови чекори зошто нашата работа секојдневно е пред нови предизвици, и секако мое присуство на тековни конференции, настани. Задолжително наоѓам време да испијам чај со пријателите. Многу пешачам и задолжително ѕирнувам што има по дуќаните. Обожувам да разговарам со луѓе, да помагам, да сослушам, да уживам во заедничките моменти со луѓето кои ме опкружуваат, зошто животот е исполнет со години кои не значат ништо и моменти кои значат се.   Живеам постојано со работата и немам некое работно време, ако има некој настан или договорена средба и попладне, одам со полна енергија. Во секоја работа се внесувам целата јас. Но, во четири задолжително ја земам Дора од училиште. Денеска немам договорени средби, коктели или настани. Попладне ќе извежбам, веќе шест месеци интензивно вежбам, трчам, пешачам, а во шест со Дора сме и на часови по англиски. Посакувам денот да трае подолго за да можам да направам уште нешто. И секогаш на крајот од денот ми останува чувството дека треба да направам повеќе. Вечер ќе разговараме за поминатиот ден, ќе учиме, ќе средуваме по дома, ќе гледаме филмови или можеби ќе пуштиме гласно музика и ќе танцуваме, а некаде околу полноќ ќе се прегрнеме и мирно ќе си заспиеме, за сонот да не однесе во нови магични моменти.