Утринско кафе со Марија Јанковиќ: Насмевка и музика за убав ден

  Морам да признаам дека не сакам баш рано да станувам, но се трудам да си ги разубавам утрата. Задолжително пуштам музика, која ќе ме размрда и расони. Всушност, јас сум многу едноставна- убав збор и насмевка од драги луѓе и веќе сум расположена и можам сè. Позитивниот пристап на луѓето кои ме опкружуваат се доволни за убав почеток на денот. Инаку, додека се подготвувам за работа најчесто пијам кафе или чај, задолжително појадувам и денот може да почне. Мене мотивација ми е работата на себе си. Се анализирам каква сум била вчера, до каде сум стигнала денес, а која ми е целта утре. Постојано треба да се надградуваме, трудиме и да ја користиме креативноста. Само така ќе бидеме корисни за себе, а со тоа ќе им бидеме пријатни и на луѓето околу нас. Овие сиви, зимски денови како на сите да ни недостасува малку мотивација, се жалиме дека ни е ладно, темно, сонцето помалку го има, но, затоа мораме да се трудиме да најдеме зрно убавина. Или, ако не може да најдеме, ајде да направиме. Па така, честопати знам да замесам пита или да направам колачи и со пријателите густираме и муабетиме во домашна атмосфера. - Генерално, ја сакам уметноста во нејзините различни облици. Не случајно Оскар Вајлд рекол: „Тајната на животот е во уметноста. Без разлика дали станува збор за театарот кој ме фасцинира со својата магија која ја доживуваме само еднаш со секоја нова претстава или филм кој ми оставил силен впечаток, па го гледам многу пати. На пиедестал, сепак, ги ставам книгите. Потекнувам од семејство каде читањето книги е составен дел од нашето семејно секојдневие. Дедо ми, Милчо Балевски, беше публицист и новинар, па логично, љубовта кон читањето ми е вродена уште од мали нозе. Последно ги прочитав трите дела на авторката Лидија Димковска, „Ноу-Ви, „Резервен живот и „Скриена камера. Топло ги препорачувам. - Најважниот ресурс на човечката слобода е слободното време, кое за жал, сè повеќе го окупираме со светливиот екран кој не носи до социјалните мрежи и до некој нереален свет. Затоа, се трудам кога ќе завршам со дневните обврски, да се релаксирам вежбајќи пилатес, вечера и вино во добро друштво, маалски прошетки, играње со внуците Стефан и Милош.