Утринско кафе со Мирјана Јовановска Стојановска: Чај со мед и лимон е мојата инфузија

Денот ми почнува околу 6:30. Тоа е време кога спонтано се будам. Никогаш не призаспивам одново или да полежам во кревет, па ни за викенди. Кога сум будна, станувам веднаш. Седнувам на компјутер да ги проверам дневните обврски и да одговорам на електронската пошта. Откако престанав да пушам пред неколку години, ми се сменија и навиките со утринското кафе. Моето утринско кафе е чај со сок од еден лимон и лажичка мед. Го викам „инфузија“. Варам чај од набрани треви. Додека чајот отстојува во врелата вода, се туширам, мијам заби и се облекувам. Никогаш не го пропуштам тоа задоволство топлата вода да ме облие, затоа што ми дава чувство на наплив на енергија. Сакам удобни алишта и обувки, од природни материјали, бидејќи често се случува да ги носам следните 12 часа во денот. За мене водата има посебно значење, заради моето специфично доживување на слобода кога сум во контакт со неа. Во лето сакам да спијам покрај водата и да се будам во брановите, а овде во нашево континентално Скопје тушот ми е „енерџајзерот“. Чајот го пијам сама додека средувам по станот и одлучувам што ќе готвам за ручек денес. Одамна не сум размислувала за тоа што ме мотивира. Вашето прашање ме наведе на себеанализа. Мислам дека се будам мотивирана, бидејќи го сакам денот што иде. Благодарна сум на сѐ што ќе ми донесе денот. Убавините ме чинат задоволна , а фрустрациите ме растат и ме учат. Во најголем број случаи го работам она што го сакам, а останатото е она што сум го одбрала да го правам. Немам проблем да не го правам она што не го сакам (она што ме прави да се чувствувам лошо). Мислам дека мојата професија многу ми помогна да се гледам себеси јасно и да бидам искрена со себе. Тоа ми овозможува да можам конструктивно да си ја користам мојата животна енергија за реализирање на моите „соништа“. Околу 9 часот одам на работа во центарот за психотерапија и едукација АМИгдала. Освен ако немам некоја друга обврска како што е гостување во некоја утринска емисија на телевизија или некој состанок во некоја институција. Понатаму денот е сплет на многубројни активности:
  • Пробувам да бидам колку што можам, макар и на кратко време тука за моите ќерки
  • Имам закажани психотераписки средби со клиентите (индивидуални, семејни, парови)
  • Извршувам најразлични обврски како Претседател на Комората на психолози на РМ
  • Водам едукативни групи за психодрама психотерапија
  • Водам истражувања во психотерапијата
  • И во последниве месеци секое слободно време меѓу овие обврски го поминувам на компјутер пишувајќи ја докторската дисертација.
Во понеделник се враќам дома во 22 часот, во вторник во 20, во среда во 19:30, во четврток во 22, а во петок работам скратено до 16. Кога ќе се вратам дома најубаво ми е (ако имам среќа да не е зафатена) да се дружам со ќерка ми. Паметна е, полна со интересни информации логично и длабоко размислува и ми создава чувство на неизмерна љубов. Кога не е на пат со сопругот муабетиме, додека секој седи на компјутер. Телевизија не гледам. Тоа е решение кое сум го донела одамна кога станав свесна дека се карам со телевизорот и му упатувам грди и навредливи зборови. Последниве години за жал немам време да читам многу други книги, освен стручна литература (а стручната литература е достапна во толкав број, што е невозможно да се прочита се). Сакам да одгледам некој филм. Преку викенд често одам на кино. Го сакам доживувањето кое ми го дава киното додека гледам филм, особено 3Д филмовите. Различно е од телевизија. Обично легнувам да спијам околу полноќ. Многу го сакам мојот кревет, удобен е а јорганот ми е од пердуви и многу потсетува на гушкање. Значајно за моето функционирање е квалитетниот сон. Пред креветот ги оставам мислите и плановите да ме чекаат до будењето и си давам да одморам. Во моментот кога легнувам, заспивам веднаш. Викендите се време за моето семејство и за моите пријатели. Ми треба да се дружам, да се смејам, да чувствувам дека припаѓам, да сакам и да ме сакаат. Уживам да готвам и да ги собирам сите. Тие задоволства ми даваат смисла на моите професионално презафатени денови. Се чувствувам цела. *Мирјана Јовановска Стојановска психолог психотерапевт, Претседател на Комората на психолози на РМ