Утринско кафе со Сања Атанасовска: Нови планови за мојата поезија

По добиената награда Караманов сум навистина задоволна што добив позитивни критики и што бев дел од манифестација каде настапија гости од Србија, Унгарија, Англија, Бугарија, Словенија. Организацијата беше на едно високо ниво, вистински колаж на повеќе уметности. Ми беа врачени испечатените книги со поезија. Во идниот период ќе работам на тоа мојата поезија да ја распространам што повеќе на електронските сајтови во регионот каде се дава можност за промовирање. Јас сум ранобудник, аларм ретко кога ми е потребен и се будам некаде околу 7 часот. Првото утринско кафе обично го пијам сама. Некогаш наместо кафе може да се напијам и зелен чај. Потоа се вклучувам на интернет за да видам што има ново по порталите, или евентуално кратко може да погледнам некоја од утринските програми на нашите телевизии. Потоа си го планирам денот во зависност од тоа какви обврски имам. Ако по медиумите сретнам некоја успешна човечка приказна, тоа ме мотивира. Но, мотивацијата си ја наоѓам и во себе си, не мора да има некој надворешен фактор. Во последно време работните обврски ми почнуваат во 15 и завршуваат во 22 часот. Пишувам вести, правам теми, и ја сакам својата работа затоа што е креативна и динамична. Делот од денот пред да почнам со работа го користам за сите други домашни обврски, или за некоја кафе средба. Денот ми завршува со работни обврски. Ако порано бев навикната да легнувам малку порано, сега и по завршување на работата сепак останува уште нешто да проверам за утре, задутре, да прочитам уште некоја интересна информација, и така се случува денот да ми заврши по 23 часот или скоро пред полноќ. Книги читам во слободно време, претежно проза, но повремено и поезија. Тоа ми е хоби и ме релаксира. Читам и домашна и странска литература, сеедно, она што ќе ми дојде при рака. Филмови гледам многу поретко. Последен пат во кино бев на циклус на германски филм. Посетував курс по германски јазик, и затоа сакав да погледнам некој од германските филмови кои беа на репертоар.