УТРИНСКО КАФЕ СО Стефи Златку: Уживам во луксузот „ спиење колку ми треба“

Мојот животен проблем е станувањето од кревет. Не постои аларм што може да ме разбуди, па си уживам во луксузот да отспијам колку ми е потребно за да можам да функционирам. Денот го започнувам со плакнење на лицето со CRUSH што е мојата компензација за непиење на кафе, шолја зелен чај и брз поглед на дневен хороскоп, а изминатава година практикувам утринска медитација со која во целост се подготвувам за денот кои престои. Секој нов ден е мотивација дека можам повеќе и подобро од претходниот ден. Од една страна, стравот од неуспех, стравот од неисполнување на сопствените соништа, а од друга страна бујната фантазија која ја поседувам, се најголемата мотивација да се надоградувам себеси и да го остварам она кое што го посакувам! Листата на дневните обврски секогаш ја подготвувам во моментот пред да заспијам- за следниот ден. Но, в​о приватен бизнис, поготово кога си на почеток, плановите и обврските се менуваат за секунда, а твое е дали ќе се приспособиш. Во последниот период, како приоритет го издвојувам развојот на нови производи, па поголемиот дел од денот го поминувам фокусирана на тоа, меѓутоа тековните обврски како што е маркетингот, постирањето на социјалните медиуми, дистрибуцијата, папирологијата, се трудам да не ги запоставам во ниеден момент. На крајот од денот, секогаш се трудам да издвојам време за најблиските, во домашна атмосфера, со вкусна храна и Нетфликс. Неодамна, започнав да посетувам часови по Јога, каде што се ослободувам од стресот кој се собира во мене во текот на моето 24 часовно работно време, па можам да кажам дека е нешто што би го препорачала на секого:) Филмови гледам кога ми треба да се одморам или да се успијам, а книгите ми се секојдневие без кое не би можела да си го замислам животот. Од љубовни романи, бизнис книги, до животни водичи, книгата успева да ме одведе на најпрекрасните места.