Утринско кафе со Тања Кармзова Костиглиола: Првото кафе ми е најважно

Кафето ми е речиси порок, оти пијам повеќе од десет дневно, ама првото секако го сметам за најважно. Деновите кога сум на работа - го пијам сама, со тивка музика и разгледување на актуелните работи на социјалните мрежи и електронските весници и магазини.   Обично се будам мотивирана за да се соочам со она што ми го налага денот, а и решена да го зграпчам секој момент, ако е добар да уживам во него, ако е лош - да научам и да зајакнам уште повеќе. Работам во аптека во Париз, а паралелно и се усовршувам во професијата со континуирани обуки. Всушност, фармацијата не ми е професија, вокација ми е. Се трудам да го дадам најдоброто од себе, да посветам време и внимание на пациентите, да дадам пертинентни совети кои ќе придонесат барем малку за нивната благосостојба. Денот ми почнува рано, се будам околу шест наутро, почнувам со работа во девет, а завршувам во дваесет часот. Она малку што останува од вечерта му го посветувам на син ми Кими, каде во прегратките еден на друг, секој ужива во сопственото задоволство: тој во јапонските стрипови, а јас, зависно од расположението, со добар роман, поезија, стручна медицинска литература или политички анализи. Деновите кога не сум на работа, пак, се трудам да поминам еден добар дел во природа, сама - ако трчам, а со син ми и со сопругот ако се одлучиме за прошетка низ шумата. Слаб познавач сум на филмската уметност, но, по препораки на луѓе знам да седам пред добар филм со ќеса пуканки, под ќебе, во пижами, со сите „марифети“.