Утринско кафе со Јулијана Милутиновиќ: Секој нов ден е инспирација за мене

Денот ми започнува многу рано, јас сум од оние кои се будат околу 6, и веројатно само за викенд можам да поспијам до 7, но и тогаш не ми успева:) Првото утринско кафе го пијам сама, додека ја подготвувам емисијата Groove Relation. Откога ги испраќам децата на училиште и во градинка, започнувам со своите дневни обврски. Мене за мотивација не ми треба многу. Секое будење на нов ден е доволна мотивација за се! Особено ако е сончев! Секојдневно имам снимања на моите емисии за Скопје, а од неодамна и за Нови Сад. Секојдневно слушам многу музика, особено она што го работиме во емисиите, и се трудам да бидам во тек со сите издавачки куќи за кои издаваат артистите кои ги претставуваме, така што најголем дел од денот сум со слушалки на уши. Многу малку знаат дека се занимавам и со консултации на Англиски јазик, па во текот на денот имам задолжителни 3 часа кои ги поминувам во online consulting/teaching. Ова е работа која сосема случајно ја прифатив, и помислив на почетокот пред скоро две години дека ќе биде нешто што повремено ќе го правам. Но, се вљубив и во ова, и сега секој ден од неделата (и викенд) имам по два до три часа за предавања. И за ова сум секогаш со слушалки на глава:) Три пати неделно одам на аква аеробик, тоа е единствен спорт кој не ме нервира и каде што не можам да паднам и да скршам нога или рака, а позната сум како таква која и на прав пат ќе се сопне и падне. Со оглед на тоа дека можам добро да се распоредам со времето за работа, скоро па секој ден готвам, некогаш немам идеја за ручек, но главно децата одлучуваат што „денес ќе се руча“. После нивните обврски со училиште и градинка, вообичаено имаме и обврски со активностите (музичко и балет) но и време за да се видиме со пријатели. Децата се во „девет во кревет“ а јас времето после тоа го користам за подготвување на следниот ден, сценарија за емисии, читам и следам што се случува во мојата земја, но се тоа зачинето со музика, полесно ми е некако да ја прифатам таа реалност. За викенди навечер се дружам со пријателите кои уживаат да дојдат кај нас на дружење, особено што сум секогаш расположена за готвење и журка во било која форма, а во текот на работните денови, тоа се кратки дружби „уз кафе“. Театар, концерт, опера или кино е исто така она што уживам кога имам слободно време. Сакам и книги, а и филмови. Најчесто книги читам преку ден, зошто навечер доколку се обидам, сигурно ќе заспијам. Филм гледам барем еднаш неделно, тоа се оние денови кога сум успеала се во текот на денот да завршам на време па навечер можам да си дозволам гледање филм.