,

Учениците од Бајловце пресреќни: „На сите донатори ќе им направиме честитки за Нова година“

„Алкалоид“, „Арс Ламина“, „Просветно дело“, „Кожувчанка“, „Македонија осигурување“, „Канапе кетеринг“, „Рехау“ покажаа дека се општествено одговорни компании. „Да извлечеш насмевка на лицата на овие деца, тоа е најважно. Овие ученици цел живот ќе го паметат овој ден, кога некои хумани луѓе им донесоа книги, тетратки, боички, лектири, топки, хулахопи, многу подароци. Со овие зборови нѐ пречекаа наставниците од основното училиште во кумановското село Бајловце кога екипата на Факултети мк. им ги достави донациите од неколку македонски компании. По објавувањето натекстот за децата од неколку села од Општина Старо Нагоричане, кои пешачат и зиме и лете по неколку километри дневно до локалниот пат каде што ги чека превоз до училиштето, неколку македонски компании решија да им ја подобрат наставата. Книги, лектири, тетратки, атласи, глобуси, географски карти, надгледни средства за физичко, вода, средства за хигиена се само дел од донациите што им ги доставивме до училиштето. Компаниите „Алкалоид“, „Арс Ламина“, „Просветно дело“, „Кожувчанка“, „Македонија осигурување“, „Канапе кетеринг“, „Рехау“ покажаа дека се општествено одговорни компании и веднаш одговорија на повиците за помош на неколкуте наставници и 14-те ученици. Наставата многу ќе се подобри Децата, среќни и растрчани, растовараа донации од комбето и прашуваа дали сето тоа е за нив. Најмногу се израдуваа на топките, хулахопите, јажињата за скокање, со кои наставата по физичко ќе им биде позабавна. Колку ќе ни биде интересно на физичко, се смееја дечињата, па топките и јажињата ги донесоа во една од училниците. Наставничката Љубица Симоновска, која претходно ни раскажа дека недостигаат многу надгледни средства за одржување на наставата, како и чиста вода за пиење, исто така, не можеше да ја скрие насмевката. Таа заедно со наставниците при првата посета на училиштето ни направи список со сите потребни нешта за наставата, кои сега нема да им фалат барем извесен период. Навистина многу ќе ни се олесни наставата сега, а децава ќе имаат подобри услови. Сите книги и надгледни средства ќе останат и за другите генерации. Од хамерите децата ќе направат новогодишни честитки кои ќе им ги испратиме на сите донатори. Децата од срце ќе ги направат – вели Симоновска. - Ќе ги направиме најубавите честитки – ни рече првачето Мила. Симоновска вели дека по објавувањето на текстот за состојбите во Бајловце им се јавиле повеќе донатори. - Се јави наставничка од Богданци која има приватно училиште за англиски јазик и ни понуди да бидеме дел од проект. Идејата е нашите деца да го посетат Богданци, а и тие да дојдат кај нас – вели таа. Училиштето останува без интернет Директорката на ова подрачно училиште, Марија Додевска, вели дека направила сѐ што е во нејзина моќ да им се обезбеди превоз до училиштето, кој до пред 2013 година воопшто го немале. Потенцира дека сѐ е во законски рамки. Некои од децата живеат во непристапен терен, куќите се раштркани, а автомобил не врви до нивните домови. Затоа неколку километри мора да пешачат додека стигнат до локалниот пат од каде што ги зема комбе. Учениците пешачат неколку километри, јас направив напори да се возат од делот кај што е асфалтиран патот. Пешачењето е во законски рамки - до 2 км еден правец – вели таа. Додевска објасни дека програмата „Кембриџ“ бара користење нагледни средства, кои речиси се сведени на минимум. - Затоа помошта од хуманите компании е добредојдена. Тоа не е само кај нас проблем, често и наставниците си носат, а училиштето и Општината помагаат колку што можат – вели Додевска. Ова училиште, сепак, ќе остане без интернет. Иако се обидовме да обезбедиме и интернет-врска, од технички причини истата не може да се овозможи. И Додевска објасни дека неколку пати се обидувала да го реши овој проблем, но операторите не успеале да го средат. - Интернет немаме оти немаме технички можности. Јас пробав да обезбедам, ама нема услови. Пред да бидам директорка (2013 година) кратко време имало, јас затоа го потегнав прашањето. Во централното училиште во Младо Нагоричино има, а во сите други подрачни нема – вели Додевска. Учениците и наставниците нѐ испратија со насмевки, благодарни што барем извесно време ќе имаат подобри услови за настава. Сепак, проблемот е системски, па и институциите треба да се погрижат за овие деца да има услови достојни на 21 век.