Интервју Фани Коровешовска: Хроно ми го смени животот на подобро

Таа е една од оние девојки кои имаат моќ да ве инспирираат. Со својата енергија охрабрува и дава сила. Нејзините рецепти се волшебни, посебно за следбениците на хроно режимот на исхрана. Кога ја гледате како подготвува, имате впечаток дека сè едноставно и лесно. Амбициозна во својот професионален избор, посветена на желбата да успее и во овој избор, Фани е девојка која полека стигнува до реализирањето на својата зацртана цел. За нејзините предизвици, желбата да истрае и успее, за самодовербата која притоа ја стекна, денес разговараме со Фани Коровешовска. Женски Магазин Кој беше мотивот и зошто се одлучивте да станете „хронерка“? Коровешовска Битката со вишокот килограми ја водам одамна. За хроно исхраната прв пат дознав пред околу три години кога беше многу популарна во Србија, но тогаш ја одбив со истиот изговор како и многумина други: бара многу готвење и има многу храна, без притоа да дадам шанса повеќе да се запознаам со принципите на исхраната. Од оваа гледна точка се каам за таа избрзана одлука, но ете не бил моментот тогаш. Уште пред околу две години станав член на српската група за хроно исхрана и онака повторно со скептицизам ги читав сите објави. Се до минатата година на пролет кога станав и член на македонската група за хроно исхрана. Членував еден, два месеци и се појави една слика од пред и потоа на Вики, се воодушевив од резултатите и тогаш почнав студиозно да се занимавам со хроно исхраната. Ги набавив сите книги и материјали почнав да читам за хроно исхрана по правилата на основачот на хроно исхраната д-р Алан Делабо, како и за хроно исхраната на д-р Ана Гифинг чии правила ги следам. И така тоа читање траеше долго сè додека еден ден мојата добра другарка Ивана не ја донесе одлуката за почеток во мое име, она беше таа иницијална каписла за мојот почеток со хроно исхрана за што вечно ќе и бидам благодарна. Женски Магазин Најчестите коментари кои обесхрабруваат се премногу месо и премногу готвење. Каков е вашиот став? Дали ова е навистина така? Коровешовска Потполно ми се јасни тие коментари така и јас се откажав од хроно исхрана пред три години без воопшто да и дадам шанса. Видете во животот се треба да се проба за да знаеме дали ни одговара или не. Како и врска со партнер, така е и со хроно, мораш да почнеш, да дадеш шанса и ако се пронајдеш да продолжиш, ако не да се откажеш. Но немојте да се откажувате на првата пречка, бидете упорни. За се во животот треба баланс така и во хроно исхраната. Кога се вели неограничена количина тоа не треба да се сфати да седнеш и да изедеш килограм месо. Јас лично не јадам месо во сите оброци. Во деновите кога ручам печурки вечерам риба или пилешко или мисиркино месо, а во деновите кога ручам месо задолжително вечерам печурки или белки, претежно еден оброк во текот на денот ми е со парче месо кое не надминува 200 грама жива мера. Исто така месото и не е задолжителна и единствена опција во хроно исхраната, постои и веге режим погоден за вегетаријанци и вегани со внесување на растителни протеини. Што се однесува до готвењето, секако готвиме секој ден и пред хроно исхраната готвев и се хранев и сега исто, само сега поубави и поздрави комбинации на храна готвам и како што викаат моите пријатели хроното во целост ми ја истакна креативноста во готвењето. Јас уживав во готвење и пред овој режим и искрено тоа не го гледам како проблем. Женски Магазин Вашите рецепти се инспиративни. Како го организирате вашето дневно мени и како готвењето го приспособувате на вашите обврски? Коровешовска Пред сѐ Ви благодарам, рецептите се од душа за душа. Менито го организирам на неделна основа, за време на викендот си го смислувам неделното мени, кое не е само за мене туку и за целата фамилија, татко ми е на хроно режим веќе три месеци, а мајка ми и брат ми полека влегуваат во хроно колосек. Гледам да е балансиран внесот на сите намирници, три дена во неделата појадувам намаз од наут (хумус) или намаз од печурки кои ги подготвувам за време на викендот. Резерви на леб исто така подготвувам еден викенд во месецот, некогаш кога ќе ми тргне и за два месеци спремам резерви •. Два до три пати неделно појадувам млечно (тостови или пица или мојата омилена запечена хељда со моцарела) и два дена неделно се јајца за појадок (пржени лепчиња или кајгана или јајца на око). За ручек два дена неделно имам пилешко месо, еднаш неделно непечен бадем или лешник, два пати неделно печурки, еднаш неделно свинско и еднаш неделно телешко месо. Вечерата во деновите кога ми е месо за ручек ми е печурки или варени белки, во деновите кога имам печурки или бадеми за ручек, тогаш за вечера јадам парче пилешко или парче риба. Најчесто кутиите со храна ги спремам одвечер, бидејќи носам по два оброци на работа (појадок и ручек). Понекогаш јадењето го подготвувам од вечер, а наутро само се пече додека јас се спремам за на работа и секако се организираме сите по дома и заеднички учествуваме во обврските. Јас имам малку специфичен вкус и тешко ми се погодува јадење во смисла на баланс со зачини и намирници и затоа повеќе сакам сама да го спремам. Имам и голема поддршка и помош посебно од мајка ми која е најсреќна за успесите што ги постигнувам со хроно и никако не дозволува да испуштам нешто но и татко ми е тука кој веќе ги знае и пазари сите намирници по маркетите што се согласно хроно. Женски Магазин Дали знаете зошто одредени продукти се одбираат во одредено време од денот? Коровешовска За секое зошто хроно исхраната има свое затоа кое е научно и биолошки поткрепено. Се е со причина па дури и распоредот и внесот на намирниците во одреден дел од денот. Хроно нутрицијата како што наведува Д-р Гифинг е гранка на медицината која се занимава со диететика и креирање индивидуални режими на исхрана согласно законитоста на природните процеси на лачење на хормони и ензими во нашето тело. Едноставно кажано, на секој човек му е потребно да користи одредени хранливи производи во различен дел од денот кога нивната искористеност за создавање на енергија ќе биде најголема, а создавањето на отпаден материјал најмал. Секако појадокот е носителот на денот, за да може телото и умот да го издржи цел ден потребно е да му се даде гориво наутро, од таа причина и појадокот е најсодржајниот оброк со најјака нутритивна вредност. Појадокот се препорачува да содржи јаглехидрати, масти и протеини идеален баланс кој е неопходен за телото и умот да издржат се што носи денот. И најчесто доколку појадокот не е комплетен се јавуваат кризи во текот на денот. Ручекот е време за протеин (кој може да биде животински преку месо или растителен преку печурки или бадеми или лешници) и витамини и минерали кои ги внесуваме преку свежиот зеленчук, најчесто во сооднос 1:2 во корист на свежиот зеленчук (на пример: со парче месо од 200 грама да има минимум свеж зеленчук од 400 грама). Црвеното месо се јаде за ручек затоа што има повеќе масти исто и дозволените зеленчуци во сите бои одат за ручек. Вечерата е најлесниот оброк со бел лесен протеин и со зелени и бели зеленчуци кои најчесто имаат понизок гликемиски индекс и кои се полесни за варење. Женски Магазин Какви грешки правевте вие пред да почнете со хроно концептот? Коровешовска Посматрано од оваа гледна точка многу грешки сум правела во текот на животот кога е исхраната во прашање. Нередовни оброци, прејадување на еден оброк во денот, многу тестенини, јас бев голем љубител на месени и тестести специјалитети и тоа исклучиво од бело брашно. Мешање на продукти како месо, компири или ориз со леб и салата често беше на мојата трпеза. Млечното ми беше вклучено во секој оброк, голем љубител сум на сирења и кашкавали и јогурт и ми одеа со секој оброк задолжително. Утрата ми почнуваа со блендирано или цедено овошје, потоа следуваше појадок бурек или некои други кифли од бело брашно, па ручек повторно со тестенини или го прескокнував ручекот па вечерата ми беше со тестенини и манџата од ручекот со плус млечни производи, се на се релативно нездрава и не балансирана исхрана имав. Јас уживав во многу храна и во убава храна, едноставно бев маѓепсана од храната. Да не се разбереме погрешно и сега уживам во храната и во подготовка на рецептите со таа разлика што исхраната ми е балансирана, навремена, и килограмите се намалуваат, а јас сум здрава, среќна и уживам во мојата страст храната без притоа да имам негативен ефект од тоа. Идеална комбинација која ми ја овозможува хроно исхраната и затоа сум и верен приврзаник и не планирам да ја изневерам оваа љубов. Женски Магазин Зошто е важен појадокот во хроно? Коровешовска Како што напоменав и претходно појадокот е носител на денот. И како што наведува доктор Гифинг во прирачникот за хроно исхрана елиминацијата на појадокот е најтешкиот можен прекршок во исхраната, затоа што единствено наутро внесот на храна ги активира масните ќелии да испуштаат масти од своите складишта и тоа со најголем интензитет. Навечер организмот складира масти и наутро доколку се прескокне појадокот, наместо да дојде до природниот утрински процес на ослободување на резерви, поттикнат од активноста на хормонот кортизол, нашиот организам продолжува со складирање на масти затоа што е загрижен што нема нов внес на храна. Сите хронери со душа го чекаме појадокот, во него сме и најкреативни. За мене лично појадокот има големо значење оти тука се вклучени тестенините. Ниту еден друг режим на исхрана или популарно наречени диети не вклучувале тестенини, затоа и никогаш не можев да ги издржам до крај. Женски Магазин Кои се придобивките од практикувањето на хроното за вас? Коровешовска Придобивки има многу најважни ми се здравствените, го доведов инсулинот во нормални граници, немам повеќе замастување на црниот дроб, железото ми е во нормални граници, сите параметри од крвната слика ми се одлични. Има и емоционални придобивки, јас се чувствувам фантастично, задоволно, енергично, среќно и исполнето. Има и естетски придобивки, ми се допаѓа одразот што го гледам во огледалото, секој ден се повеќе и повеќе, има конфекциски броеви од сите модни парчиња што ми се допаѓаат, што во минатото ретко било случај. Социјалните придобивки се исто огромни запознав многу нови луѓе преку групата и нови пријателства, а тоа е богатство на духовно поле. Хроно ми го смени животот на подобро. Женски Магазин Дали сте задоволни од себе сега? Коровешовска Интересно прашање, кога ќе размислам подобро јас никогаш не сум била незадоволна и никогаш презадоволна од себе, секогаш успевам гордо да се носам со моите избори без разлика дали се исправни или погрешни, но сум многу самокритична и често си поставувам високи цели сама на себе и секогаш очекувам уште повеќе од себе. Но задоволна сум со изборот на хроно исхраната, задоволна сум што овој пат јас ја имам контролата над храната, а не таа над мене како што беше во годините наназад. Битките што ги водиш сам со себе се најтешките во животот и ако од нив излезеш како победник нема поголема среќа и задоволство. Одразот во огледалото не е она што те прави убав, очите се огледало на убавината на еден човек. Мене очите не ми се променија со исхраната, но одразот во огледалото сега ми е многу поубав од претходно и често знам да му се насмевнам во знак на благодарност за стореното. Женски Магазин Често патувате. Дали тогаш имате проблем со практикувањето на хроното? Коровешовска Кога е хроно исхраната во прашање нема ниту пречки ниту изговори, сите обврски ги планирам согласно хроно принципите. Уживам да патувам, уживам во хроно и кога совршено ќе ги вклопам двете се чувствувам среќно и исполнето. И не сум имала никаков проблем со практикување на исхраната додека сум на пат. И летово на одмор практикував хроно и на службените и приватни патувања се придржувам на принципите на исхраната. Кога нешто сакам искрено нема изговори. Со добра организација се е возможно. Женски Магазин Колку долго сте на хроно и која е вашата цел кон која се насочувате? Коровешовска На хроно исхраната сум точно 14 месеци и сите месеци сум во рестрикција, не планирам да престанам и да се откажам од овој режим на исхрана оти ми стана начин на живот. Со овој начин на исхрана стекнав и доста самоконтрола кога е храната во прашање, нешто што претходно очигледно ми недостасуваше. Целта ми е здрав живот со здрава и балансирана исхрана, задоволство и енергија, чизмите над колена ми се точни • сега целам на тоа совршено добро да ми стојат •. Имам и една друга цел поврзана со хроно за која моментално размислувам, а тоа е малку поамбициозен проект како со своето искуство да ги инспирирам и другите луѓе да живеат и да се хранат здраво и како да го приближам хроното до нив. За сега е само идеја, но се надевам дека ќе ја реализирам наскоро. За Женски Магазин, Вики Чадиковска