Тања Кармзова Костиглиола: Љубов на вересија

Не залажувај ме... Никој не љуби туку - така... Ни јас не те сакам гратис... Нити за една благодарност, што ја немаш евидентирано во твојот разговорник. И воздухот не е бесплатен. Сните скапо чинат. Амбициите до коски соголуваат. Во овој свет на зумирачки огледала делата ни се одразуваат со астрономски размери, но оној кој е наспроти не го гледа вајаното сребро, туку маленкоста прецртана во зениците на другиот. Љубовта моја ти беше позајмена и уште си во долгови. Тефтерот е близу до крајот, мастилото разлеано на дното на кристалното капаче, перото, од раздразнет паун, омекмато. Уште многу ќе ми должиш, нечесен плаќачу. За подмирување на вересии совест треба. А ти ја немаш за да ме ослободиш од плаќање глоби. Јас, пак, ја немам чистината да го побарам она што неуморно, ненаситно и бескрупулозно го крадев. Би побарала прошка, но не чувствувам вина. Заборави на сметките! Дојди на една чаша вино, берба1989. Во виното е вистината, но не и спасот. За Женски магазин, поетесата Тања Кармзова Костиглиола