10 октомври светски ден на менталното здравје

Денеска е Светскиот ден на Ментално здравје – 10 Октомври. Се одбележува од 1992 година со цел да се зборува и  да се работи за решавање на овој проблем. Емоционални вампири Кои се емоционалните вампири, од каде им е толкава моќ над нас и како да се заштитиме од нив? Постојат луѓе кои доволно е само да ги видиме, па се чувствуваме како да не огреало сонце. Луѓе кои со својата појава внесуваат светлост, радост, топлина, мир. Оние луѓе во чие друштво се чувствуваме сигурно и слободно. Постојат и оние другите. Луѓе кои после 5 минути слушање ќе ве наполнат со „негативна енергија“ и имате чувство дека ќе експлодирате. Луѓе за кои имате чувство дека после краток разговор или кратко среќавање со нив, ви ја извлекле цела енергија. Луѓе после кои се чувствуваме празно, уморно, исцрпено, нервозно и несигурно. Луѓе во чие присуство, вашата самодоверба се намалува. Таквите луѓе кои на некој волшебен начин ја извлекуваат нашата енергија, ги нарекуваме емоционални вампири. Кои се емоционални вампири? Првата помисла може да биде дека тоа се лоши луѓе, кои само сакаат да ни наштетат и да ни ја земат енергијата. Бесчувствителни, нетактични, злонамерни … се само некои придавки, со кои ги опишуваме. Тоа не е вистина, тоа е погрешно!!! Вистина, постојат луѓе кои се свесно злонамерни и сакаат да наштетат на други луѓе. Но, тие се ретки луѓе. Многу чести се и тие кои покрај недостаток на емпатија, социјална и емоционална интелигенција, а и поради начинот на кој комуницираат, ја „извлекуваат“ енергијата од другите луѓе. Ако после разговор со одредени луѓе се чувствуваме исцрпено, уморно, анксиозно, а ги анализираме на следниот начин-како човечки битија кои немаат лоша намера и ако се запрашаме и замислиме -што точно тие луѓе ни прават нам, дали ни ја одземаат енергијата, ќе сфатиме дека „емоционалните вампири“ се луѓе кои:
  • премногу зборуваат за себе и не обрнуваат внимание на нас
  • зборуваат исклучиво за проблеми, несреќи, болести.
  • постојано не критикуваат и ги минимализираат нашите успеси и добри особини
  • не водат сметка за нашите потреби и чувства
  • толку се опседнати со непријатни чувства и теми, дури и кога не зборуваат зрачат со негативна енергија.
Кога на овој начин ќе ги погледнеме работите, ќе видиме дека не сме немоќни жртви на некои натприродни сили туку рамноправни учесници во комуникација. Поточно, имаме потенцијал да бидеме рамноправни учесници во комуникација и да се заземеме за себе. Од каде им толкава моќ врз нас? Одговорот е многу едноставен и не верувам дека ќе ви се допадне. „Емоционалните вампири“ имаат врз нас толку моќ, колку ние ќе им дозволиме! Наместо да ги обвинуваме луѓето дека се емоционални вампири поради начинот на кој се однесуваат, а кој пак нас не исцрпува, може да се запрашаме зошто и на кој начин тоа им го дозволуваме? Што треба да направиме да се заштитиме? Полесно е да ги прогласиме како луѓе кои немаат вредност, а самите да се прашаме „зошто се такви“? Зошто не се променат или поправат? Но, оваа стратегија не функционира. Сигурна сум дека досега сте се увериле во ова. Во спротивно нема да имате повод да го читате овој текст. Препораки како да се заштитите од емоционални вампири Најефикасна заштита е да се одбегнува каков било контакт со луѓе кои се однесуваат на претходно опишаниот начин, за да после нив не се чувствувате исцрпено, безволно и испразнето. Не секогаш е можно да го практикуваме претходниот совет, посебно кога се во прашање членови на семејството, соседи, колеги од работа… Затоа е важно да го имаме следното на ум:
  • нивното однесување не е намерно и тие не се свесни како тоа делува на нас, се однесуваат најдобро што знаат и умеат
  • не сте пасивна жртва (освен ако тоа не го дозволиме чекајќи другата личност да се поправи)
  • наша е одговорноста да ги поставиме границите и да кажеме НЕ на однесувањата кои ни сметаат (на пр: ако некој постојано се жали и самосожалува можете да кажете „Те сакам и навистина ми значиш, но не ми одговора половина час да слушам жалење и не сакам тоа да го правам, да те слушам“)
  • не се обидувајте и не се трудете да ги менувате, на тој начин си го одземате времето и енергијата
  • сфатете дека не е ваша обврска секогаш да им бидете на располагање
  • ваша одговорност е да се негувате себеси, да се одмарате, побарајте друштво и активности кои ви одговараат и ве полнат со енергија
  • немојте да паднете во стапица за наметнатото чувство на вина од нивна страна, не сте одговорни ниту за нив, ниту за нивниот живот…одговорни сте за вашиот живот и благосостојба!
  • не паѓајте на закани за отфрлање и емоционални уценувања
  • научете ги обрасците на асертивна комуникација и однесување - начин да се заштитите себеси, а да не ги повредите другите луѓе.
За крај неколку прашања кои можат да ви помогнат да си направите ваш личен „план за заштита“. Кои се луѓето во вашето опкружување после кои се чувствувате безволно, уморно, несигурно…? Што точно прават или не прават, а вие сѐ уште не сте спремни, а не ви годи да ги наречете емоционални вампири? Што може да направите да се заштитите? Кои се конкретни акции и однесувања? За Женски Магазин по повод Светскиот ден на менталното здравје, пишува Маријана Станковиќ, Специјалист по медицинска психологија и когнитивно бихејвиорален консултант при „ЈЗУ Клиника за Психијатрија“, Скопје