МРТ дели субвенции незаконски- вели министерот Алаѓозовски

  Од страна на инспекцискиот надзор, раководството на МРТВ е предупредено дека се соочува со кривична одговорност поради овие незаконски донесени одлуки, со кои се создава штета по Буџетот и кои претставуваат злоупотреба и несовесно работење во службата. Исто така, раководството на МРТВ беше предупредено дека склучувањето на договори со авторите по овие одлуки ќе предизвика дополнително кршење на законот и нови основи за кривична одговорност. Според министерот, Законот не придонесе за зголемување на квалитетот и за развој на музичката индустрија, нити за поголема присутност на домашните автори на нашите медиуми. Прерасна во алатка за клиентелизам и за купување послушност на музичките уметници. Поради тоа овој закон е во фаза на укинување, ние ќе ги поништиме донесените одлуки. Министерството не само што ги оспорува овие одлуки и во никој случај нема да одобри исплата на средства за избраните композиции, туку дека започна да врши ретроактивна детална проверка на претходните конкурси, за кои добивме сознанија и индиции за крупни неправилности. Од првичниот увид во документацијата и начинот на спроведување на легислативата, воочени се повеќе прекршувања. Според министерот Алаѓозовски, едно од најфлагрантните прекршувања се однесува на членот 20 точка 1 од Законот за поддршка на домашната музичка продукција, каде што се вели дека директорот на ЈП МРТ по предлог на комисијата во рок од три дена сметани од денот на доставувањето на предлогот на Комисијата, донесува одлуки за избор на изведувачите односно композициите кои се прифатени на конкурсот и изведувачи и композиции кои се одбиени на конкурсот. Извештајот на комисијата бр 20 – 1975/5 за вториот квартален конкурс, како што се гледа и од самата одлука на директорот на МРТ, бил доставен до него на 19 септември 2017-та, на што според законот директорот требал да одлучува во рок од три дена. Самиот факт дека оваа одлука е донесена на 5 јануари годинава јасно упатува на направениот прекршок на легислативата. Исто прекршување е направено и за конкурсот од третиот квартал – Комисијата го доставила до директорот Извештајот бр.20-5821/3 на 4 декември 2017-та, а одлуката е објавена исто така на 5 јануари 2018-та, односно повеќе од еден месец подоцна, а не во рок од три дена како што пропишува законот. Во самата одлука од третиот квартал се констатира од самата МРТ дека при спроведувањето на конкурсот имало недоследности и во однос на документацијата, а поради пробивање на рокови некои автори со истите песни конкурирале на двата конкурси и добиле средства. Потоа, увидено е дека одредени членови на комисиите не ги исполнувале условите предвидени со законот за да бидат избрани. Имено, според член 15, точка 5 г од Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој ги определува критериумите за избор на членови на комисиите за овие конкурси, се вели дека во комисиите членуваат и музички уредници кои треба да имаат работно искуство на таа позиција од најмалку 5 години. Праксата покажа нешто спротивно – дека во комисијата како музички уредници биле делегирани и избрани луѓе кои воопшто во својата кариера не работеле на таа позиција. Освен тоа, според член 2, точка два од овој Закон, изведувач е пејач или група што ја изведува композицијата. Сепак, овој член во минатото не бил почитуван, бидејќи на конкурсот како изведувачи се јавувале автори на композициите, што не е конкурирање во соодветна категорија. Сепак, на некои автори им било овозможено да добиваат пари и преку категоријата „изведувачи“, а некои други за истата причина биле одбивани од конкурсот. Освен тоа, во член 13 точка 6 од Законот се вели дека еден изведувач може да конкурира во една категорија со неограничен број композиции. Во праксата, увидени се повеќе случаи каде што еден изведувач конкурира и добива средства во повеќе категории во рамки на ист конкурс. Во однос на членот 18 кој се однесува на судирот на интереси, во минатото се детектирани случаи на конфликт на интереси, коишто не биле соодветно адресирани. На пример, имало случаи каде што сопружници биле членови на комисија, која доделила средства на група во која членува син на тие членови на комисијата. Со оваа настаната ситуација уште еднаш се покажа колку бил штетен овој закон, кој постојано создавал долгови по буџетот на граѓаните, бил спроведуван на несоодветен начин и со неправилности, а воопшто не ги постигна декларираните ефекти, ниту пак придонесе за зголемување на квалитетот, развој на музичката индустрија и поголема присутност на домашните артисти на нашите медиуми, туку се претвори во алатка за клиентелизам и за купување послушност на музичките уметници. Женски Магазин вчера објави МРТ го објави новиот список со субвенции. Повеќе за него прочитајте тука