16 дена активизам против родово насилство

Координаторка на ОН во земјата Луиза Винтон цитирајќи ја денешната изјава на генералниот секретар на Светската организација истакна дека „насилството врз жените во основа се однесува на моќта и тоа ќе сопре само кога родовата еднаквост и целосното јакнење на жените ќе станат реалност“.   Министерката за труд и социјална политика Царовска истакна дека големите размери на родово базирано насилство во нашата земја покажува дека системот често затајува, не ги штити жртвите и не превенира случаи на насилство. „Насилството врз жените е кршење на човековите права. Ние како Влада ветивме пред граѓаните на РМ дека ќе работиме на унапредување на човековите права и затоа сме посветени на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените“ - изјави премиерот во денешното обраќање на настанот кој го организираа семејството на Обединетите нации и Собранието на РМ

Пратениците заедно со претставници на дипломатскиот кор, на меѓународните организации, на невладиниот сектор и останатите гости на настанот на симболичен начин учествуваа во осветлувањето на Собранието во портокалово, пренесувајќи порака дека „сите сме тука, вклучени, со срце за секоја една, за да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата“.

Кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство“ има за цел да ја подигне свеста и да поттикне конкретни чекори кои ќе помогнат да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата ширум светот, и се случува секоја година во текот на 16 дена во периодот помеѓу 24 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Во текот на овие 16 дена активизам во земјата ќе се одржат бројни активности кои ќе вклучуваат поддршка од јавни личности од различни сфери, можност сите да постираат свои пораки против насилството за да ја покажат својата поддршка на социјалните медиуми, како и низа дебати и работилници ширум земјата.