40 дена инспирација за идните невести

Модниот дизајнер Ивана Кнез одамна и е позната на македонската јавност, која воспостави урбани и култни трендови низ Македонските улици, а нејзините креации се доста препознатливи, каде девојките гордо ги носат модните парчиња потпишани од оваа млада талентирана дизајнерка. Но, овојпат нема да зборуваме за пролетните или летните трендови, решивме да се тргнеме од секојдневието и да позборуваме за еден необичен настан кој што се одвива токму во просториите на Драма Студио. Станува збор за 40 дена посветени максимално на идните невести, консултации, скици, соработки, каде во овој период можете да се опуштите и комплетно да се препуштите во рацете на вистинските професионалци како од Драма Студио. Венчаницата на секоја жена е исполнувањето на сонот на девојките, каде секој детал до големиот ден мора да биде прецизно испланиран, а фустанот незаменлив и што ќе одзема здив. Она што посебно ми се допаѓа кај Ивана Кнез како дизајнер е што во нејзините креации ќе ја осетите онаа кул модна жичка што всушност и таа самата ја поседува како карактерна особина, приземност и своја без пардон. Во секоја нејзина креација, ќе препознаете нечија извезена приказна но и самата автентичност на Кнез, притоа оставајќи простор на своите дами да се чувствуваат свои, но и гордо да го носат потписот на Ивана во својата модна приказна. Фасцинирани од внатрешниот ентериер, и романтизмот што лебдеше во воздухот, Ивана Кнез со својот тим не прими во своето модно студио каде со особено задоволство зборувавме на темата: 40 дена Венчаници и за идните проекти. Ќе бидеме искрени, за момент посакавме и ние да го кажеме судбоносното ДА во нејзините креации. ☺ Женски Магазин - Еден сосема нов поинаков моден концепт во однос на венчаниците. Огромна посветеност и настан кој навистина се одвојува од клишето на саеми и модни недели за венчаници. Што всушност е 40 days of Bridal во Драма Студио? Ивана -Најточно е да се каже дека сакав да ја изолирам Драма од општо прифатени случувања и перцепција на венчалниот фустан како модно парче. Вистината е дека ниту една невеста не гледа тренд кога станува збор за венчаница, секоја жена знае како сака да изгледа на нејзиниот магичен ден, а тоа ретко е поврзано со трендови. Затоа посакав да им дадам на идните невести можност да дојдат во бајковит амбиент, да пробаат малку поинаков концепт на фустани и да посакаат уникатна, но пред се лична изработка на фустанот за кој се зборува со генерации. Па така овие 40 дена се за секоја идна невеста, која сака на едно место да го реализира својот комплетен ден а за тоа се заслужени нашите партнери. Женски Магазин -Морам да признаам дека овој настан ме засегна поради својата автентичност и ми го одзеде вниманието, посебно целокупниот ентериер, цветовите од хартија, префинетите слатки како и професионалноста на вашите вработени од Драма. Зошто токму ваков тип на настан, и од каде дојде главната инспирација? Ивана -Јас сум жена пред се, а не познавам жена која останала рамнодушна на цвеќе. Па така во соработка со Сореле од Скопје, го реализиравме овој романтичен свет исполнет со воздушни меки форми каде секоја жена ќе се почувствува задоволно и среќно. Инспирацијата дојде од досегашното искуство со невестите, се обидувам односот со секоја невеста да биде отворен и пријателски и пријатен. Ги слушам нивните желби, ги предвидувам проблемите, и знам како би се одвивала соработката понатаму. Секоја жена сака да си ги поедностави проблемите, без разлика што не бие глас кај спротивниот пол дека комплицираме, и ние би сакале на едно место се да се заврши. Па така, еден настан каде една девојка може да проба, да се консултира, да добие целосен пакет за нејзиниот посебен ден е токму тоа што на секоја идна невеста и е потребно. Женски Магазин- Оваа сезона во 40 days of Bridal, соработувате и со доста надворешни соработници, кои го имаат своето место во оваа модна bridal приказна. Кои се бенефитите на една млада невеста по соработката со Драма Студио и нејзините соработници? Ивана- Доколку една девојка се реши за фустан од нашиот бренд, ќе добие ваучери за попуст кај сите наши партнер компании. Соработуваме со квалитетни брендови кои гарантираат за нивната услуга, како и ние за нашата. Женски Магазин- Да се задоволи вкусот на една млада невеста при изборот на невестински фустан, веруваме дека е тешка и одговорна задача. Кој е најголемиот предизвик кога се изработува една венчаница? Ивана -За мене е еден интимен процес, за тој дел во Драма сме задолжени јас и мојата асистентка и Џуниор дизајнер Ивана Јанкулоска која се повеќе го презема целиот процес. Веројатно самиот почеток, изборот на вистинскиот модел и материјалите е првата тежина која поминува за потоа фитингот и реализацијата да се одвиваат со полесен тек. Многу е питом целиот процес, инспиративен и креативен. За невестите е доста стресен период, се разбира дел од тој стрес доаѓа и кај нас, но се трудиме најмногу што можеме целиот настан да биде проследен со позитивна енергија како едно убаво искуство. Женски Магазин- Колку младите невести сакаат да се одделат од секојдневието на гламурот и еден вид кич и да се препуштат на вашата автентичност како моден дизајнер? Ивана- Во Драма, можам да кажам комплетно. Драма е веќе етаблиран бренд, се знае која жена може да го носи брендот и кај мене доаѓаат силни жени, дефинирани, кои сакаат да изгледаат поинаку од секојдневното клише, на свој начин без разлика дали станува збор за високо луксузен стил или некоја шик комбинација. Сум имала невести во фракови, но и невести што не ги собира во една соба, секоја од нив поинаква и засебна. Тоа е убавината кога си моден дизајнер, можеш костимографски да им пристапиш на клиентите и на секоја од нив профилно да им изработиш совршена креација за нејзиниот вкус. Женски Магазин- Кои мотиви и техники се највеќе застапени при изработката на една венчаница? Ивана- Не само кај нас туку и на светско ниво најзастапена е чипката. Тоа што Драма ја прави поинаква од другите е што од оваа година веќе започнавме со наши уникатни изработки на чипка и тематски везови по барање на клиентите. Кај венчаниците техничкиот дел е поразличен, и решението за перфектен финиш често значи оскаровски третман со шиење на делови на самата невеста на дента на настанот. За клиентите со искуство во висока мода, ова е доста познат процес. Женски Магазин -Колку севкупно трае овој настан? Ивана - Настанот ќе трае до крајот на Февруари како посебен настан за себе, потоа ќе продолжиме со реализација на нарачки и изработка на венчаници во малку поинаков амбиент декор на Драма. Но соработката со нашите партнери ќе остане на годишно ниво, па така секоја идна невеста која нема да успее да не посети сега, ќе може да го добие истиот третман во текот на целата година. Женски Магазин -Како Ивана Кнез ја замислува својата венчаница во иднина, и која од досегашните изработени венчаници Ви е голем фаворит? Ивана -Кога ја изработив првата со чипка од бела и златна срма и 60 метри тул ја пробав. Мислам дека во тој момент ја разбрав потребата на секоја жена да биде барем во еден ден од животот кралица. Не можам да ви опишам колку ме маѓепса тој фустан, во тие неколку минути времето за мене застана. Но мојата реалност е дека сум доста практична жена, конкретна и точно знам дека моето „Да“ ќе биде интимно без големи настани. Па така сигурно ќе се решам за некоја свилена верзија соодветна за свадба на плажа. Женски Магазин -Што најмногу ве прави среќна и мотивира понатаму по остварена соработка со вашите драги клиенти? Ивана- Има еден отсјај  во очите што се појавува кај секоја човек, без разлика маж или жена, кога е среќен. Кога на последната проба ќе го видам тој отсјај и кога ќе се гушнеме за Чао, и знам дека таа ќе биде најнасмеаниот гостин на веселбата, а за дел од таа среќа е задолжен мојот фустан, ете тогаш сум јас уште посреќна и од неа. Јас застанав зад бренд кој застанува зад секоја жена на светов, без разлика на нејзината животна определба. Од жена за жени, ние сме силата која го држи овој свет подвижен, па така секоја моја шанса да направам среќна некоја од тие жени ја користам до максимум! Женски Магазин -Што би им препорачале на нашите драги читателки и идни невести? Ивана -Послушајте си го срцето девојки. Нема памет каде што има љубов, па така ако тој е човекот на вашите соништа, ќе ве сака во било која верзија на невестински фустан што ќе ја одберете. А јас ви препорачувам што и да решите, нека биде магично! За Женски Магазин, Нина Беадер  Fb strana : https://www.facebook.com/BeaderHristina/ Web Strana: https://ninabeaderblog.wordpress.com/