Aна Бунтеска: Од сенката никогаш да не си бегаш

Како во огледало

Се наоѓаш себе во милион лица околу

Та си ги гледаш сите делови

Дури и оние кои не се за пулење

Опкружен со себе во безброј очи

И не стасуваш никаде

Само се сопнуваш од својот лик

Кој свети во нечии зеници

Не знаеш за мир

Не знаеш за спокој

Ниту пак знаеш чекорот да го смириш

И сам со себе да одмориш

Да си дадеш спокој за да знаеш каде понатаму

Каде и со кого

Иташ

Итам

Итаме

Веќе престанува да е важно на каде одиме

Неважно е и со кого

Само да се оди некаде

Во сета таа брзаница сенката ти бега

Ама кој во денешно време се грижи за својата сенка?!

Јас, драги мој

Јас сенката си ја љубам

И ја чувам ко детето што си го гледам

Залепени ни се петиците

И со себе ја влечкам

Дур не паднам

Дур не се струполам

Дур во ковчег не ме стават

А таа повторно под мене ќе е

Од сенката никогаш да не си бегаш

Ниту да ја оставаш да ти загини меѓу другите

Секогаш да се местиш за да можеш да си ја видиш

За да знаеш до кај си

И само таа останува кога сите си заминуваат

И кога околу тебе се’ останува празно

Само таа тука ќе е ко ќе остариш

И ко ќе немаш со кого збор да размениш

Со неа ќе наздравуваш

И покрај неа ќе заспиваш

Затоа ја чувам

Затоа ја љубам

Затоа ја бојам

За да можам во ова време-невреме полесно да ја најдам

Мојата шарена сенка

Која ме бои однатре

Која дише и вон мојата воздишка

И се смее вон моите солзи

Која те љуби и вон мојот бес

Сенката да си ја чуваш пиле

И да ја обоиш во боја на љубовта

Само не црна

Само не...не црна да ми ти остани

  За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Александар Колов