Ана Бунтеска: Има љубови кои и после љубовта траат
Има љубови кои и после љубовта траат
Та еден на друг со милост си мислат
Дури и кога тој со некоја друга гнездо има
А таа на својот чоек вратоврската му ја мести
И можеби некогаш во ист миг се присетуваат
Со мал насмев во друг свет мислите им се среќаваат
И нежно
Сосем нежно по лицата се галат
Иако поминале години и сега веќе исти не се
Ама ете им останал вкусот на оној другиот
И заедничкиот мирис на перниците
Има љубови кои едноставно не сакаат да умрат
И кои пулсираат во совршен ритам
Кој неа ја враќа во неговата прегратка
А нему му се чини дека уште косата нејзина
В раце му спие
Таквите љубови се најубави и најмачни
Оти ниту пелин во нив имало
Ниту остар збор меѓу нив до крв засекол
Туку ете
Судбината сакала поинаку да биде
И заедно никогаш повеќе да не бидат
Ама има љубови тешки
Кои којзнае дали љубов биле или само желба
Та во нив чоек се измачува ко за поарно да не знае
И сам рани си нанесува
Си оди долго и бавно
Се враќа со горчина и пак се пакува
Секој пат си вели оти толку е
И како умот да не му иди
Како да сака самиот да се докусури
Та после
После останува едно големо ништо
Во кое ниту мисла кревка за арно има
Ниту сеќавање кое сјај во очите ќе врати
Туку само тежина и слабост
Ко после тешка болест
Од која никогаш срцето до крај не се залекува
Дур и тоа ништото меѓу нив не се раситни
Како стиропор низ прстите
Како песок од кој само чувство на гребење има
Таквите љубови барем еднаш во животот се врват
И со нив срцето учи како да преживее
И раните секојпат ко свежи да се пулсираат
И од таквите љубови кои нељубов се
Сите по една лузна во градите носиме
Која боли
Која пече
Која нечие име носи
За Женски Магазин, Ана Бунтеска