Ана Бунтеска: Од умојте си патиме

“Од умојте си патиме

чунки тие шо велат

така треба да биди

ама не е

не е така секојпат

оти и срцето кажва

ама никој не го слуша

ами после сме се поболвале

чукало брзо

та чукало бавно

та прескокнало

ами еден ден ќе престани

и онде горе ко ќе појдиш

никој не ќе ти пиши плус за умот

туку за она шо со срцето си направила

колку си дала

без да мериш колку си зела

колку си љубела

без на кантар да ставаш колку си била љубена

оти то со срцето шо ќе го напрајш

то ќе остани и после тебе

ама ете

од умојте си патиме”

.................................................................................................

Сите зборови ти ги паметам

и чудно, контра времето

како стареам се’ почесто на нив се сеќавам

и на мирисот твој кога ќе те гушнев

затрчана од железничката станица

до Ленинова 58

твојот кармин во златно кутивче

корално црвен

белата пудра

фустаните (секој за соодветната пригода)

чевлите како на оние глумиците од црно-белите филмови

“але чупе

ами како можеше ногата толку да ти порасни

за 39 да носиш?!!!!!”

секоја недела на фризер кај Сајмето

месење козињак со суво грозје

и љубов

љубов да можеш да ја напипаш во воздух

со нож да ја исечеш на парчиња

и гости да почестиш со нив

како со дедо ми се гледавте кришум

и ишарети си дававте

за од љубов и со љубов насмеани да си легнете

........................................................................................................

“Знајш, да не се бараш со некој по убајна

оти убајната врви

ех, куќава ко ја градевме

знајш шуба беше?

крцкаше фасадата од ново

абе луѓе застанваја да ја видат

а сега?

пукнала ваму, пукнала таму

не е уба фасадата

ама куќава дом е

огниште има и душа во неа цвета

е така и со луѓето е

ќе остарат, ќе огрдат

подгрбаени ќе одат

ама ако се најте по душа

дом ќе имате

и огништето вечно ќе ви гори

и ќе остани и после вас да тлее

оти куќа и ко ќе се урни

во темелите љубовта останва

ако од љубов градена била

ама од умојте си патиме

од умојте си умираме”.

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски