Кој е погласен? Тишината или зборот?

Понекогаш многу повеќе ќе кажеш, ако не кажеш ништо. Ако одмолчиш. Ама ова само понекогаш. И се разбира ако претходно си кажал и си изнакажал се што си имал да кажеш.

Има момент кога треба да се заќути. Тоа е еден од поубавите тивки моменти во животот.

Звоцаме цел живот. Секому и сешто. Се што си мислиме, мислиме дека е така и никако поинаку. Убдени сме цел живот во сопствената исправност. Чудно е колку е ова точно. Чудно е, бидејки малку е нејасно како едно „самосвесно битие“, колку и да се труди да биде рационално и објективно, на крајот, сепак ќе си ја заврти воденицата на своја страна.

Ова кај некои луѓе може да трае цел живот и затоа понекогаш изгледаат како куче кое сака да си ја гризне опашката, а некои луѓе на време ќе се сетат дека цел живот се врткаат бесполезно околу својата замислена оска. И ќе замолчат. И ќе го пуштат и умот и срцето сами да му ги кажат одговорите. Е тоа е тоа убаво и тивко молчење.Ми се жали и ми се фали истовремено, некни една моја пријателка.

Цел живот му викам на маж ми „вака, така, онака“. Те ова, те она. Те немој вака, те немој онака. Те ова сакам, те она сакам. Секоја недела сабајле како на класен час сме. Ја дробам, ли дробам. Он ќути, нит ме слуша, нит збори. Подклимнува со глава, ме гледа час милно, час со некој презир. Напати само ќе ми рече „врска нема ова што збориш, ништо не е така и не си во право“. 

Ја уште толку почнувам да се пенавам и да дообјаснувам -вели.

Ми иде да пукнам, оти знам дека знае дека сум во право, ама или свесно мајтап си игра со мене, бидејки знае дека ќе викам, ќе викам, ќе викам и на крај откако ќе се изнавикам, ко ништо да не се случило.

Тој си тера по свое, а ја си го мелам желудникот се до следната кавга.

Еден ден вели, ми се деси еурека. Си реков вака:

Ќе заќутам! И вака и онака се нервирам. Можда ќе ми биде подобро ако си ги одмолчувам работите и ако посматрам дали нешто ќе се промени. И кајмене и кај него.

Тригер беше, нема да веруваш, еден виц, што една колешка ми го кажа на работа.

Виц!?

Виц да!

Слушај,

Си играат група деца пред зграда, а една мајка пет пати го вика синот од седми спрат.


„Николчооо“, тој се прај дека не слуша.

Вика таа погласно,„Николчооооо“, тој пак глуми дека не слуша и продолжува да игра…

Мајка се дрекнува „Николчооооо“…

Другарите му викаат - мајка ти те вика.

Тој се врти и ја прашува- што е ма мамо да не сум гладен!?

Не, не си гладен, ладно ти е!

Хаххахам ауууу… -Заебан вицов - велам.

Абе ќути, ко шамар да ми мавнаа, кога го слушнав.

Цел живот звоцам. Те јади, те не јади толку, те не пиј толку, те вака ли облечен ќе одиш, те зашто овие патлиџани си ги купил, мораше ли вакви банани да земеш, чорапите, кошулата, гаќите, мајка ми, мајка ти, децава, фудбалот, ракијата, виното…

Работава Николчо, не си гладен, него ладно ти е-велам јас.

Баш така.

И решив ќе заќутам.

Ама не она цинично ќутење, кое е многу пострашно од колку зборување, туку да молчам, без тишината да биде погласна од тоа ќутење.

Да си зборувам за обични работи, како он што си збори, за „спортот на село“.

Да бидам искрена многу ми беше тешко на почетокот. Ми идеше да пукнам. Абе ко сто мравки да ми лазеа по јазикот. Во тие моменти вели, или ќе станев и ќе отидев до купатило, или ќе излезев на тераса, или ќе и се јавев на другарка ми, па ќе си напраев муабет со неа.

И!?

И, ќе ми поминеше.

И така ден по ден, се научив да ќутам.

Со тек на време, сфатив дека тоа ќутење ми даде многу одговори, кон самата себе.

И тоа толку клучни, блескави, а истовремено спокојни одговори, какви што не сум ни знаела дека постојат.

А знаеш зошто!?

Затоа што не сум знаела да слушам. Нит него, ниту пак себе си.

Знаеш вели, не знаеш кое слушање, односно не слушање е попопасно. Дали кога воопшто не го слушаш него, или кога не се слушаш себе.

Со тек на време вели, нема да веруваш, купуваше поубави банани, си ги ставаше работите на место, почна дури и цвеќе да ми купува.

Знаеш додава, сфатив дека не постои маж, всушност не само маж, ни човек, ни дете, ни возрасен, на кој што кога ќе му звоцаш, ќе „застане у став мирно“ и ќе рече „разумем друже капетане“.

Да велам, тоа само у војска и тоа не од што сака, туку од што мора. За да не риба плочки у ВЦ, со четкичка за заби, или да му бидат скратени под казна двата дена наградно за празник.

На крај се согласивме дека и Николчо, ќе си дојде дома кога ќе му застуди, или кога ќе огладне.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу