Љубов и вино - нема поубава комбинација

Немам проблем, што вчера се славеше Свети Валентајн, илити денот на љубовта. Напротив. Љубовта треба да се слави, секој ден. Се разбира. Но ич немам проблем, што наш православен празник истиот ден е Свети Трифун, а што овој другиов е со „католичка вера“.

Ја си славам и си прифаќам она што мене ми е мерак. И обратно. Се трудам да не правам „славни компромиси“, затоа што е така редот. На пример, ако не ми се иде на роденеден кај „фиљан“, кој и да е, да не идам само затоа што е така редот.

Во крајна линија и Нова година, онаа што е на 31-ви Декември, не е со православен предзнак, па сите таа ја славиме. Сите огномети по цел свет, се на тој ден.

Сите гушкања и честитки се на тој ден. Цела Планета слави тој ден.

Има после и кинеска нова година и ваква и онаква и онаа што Србите си ја нарекуваат српска, а всушност е православна, ама сите знаеме, дека таа го нема тој интензитет и еуфорија, каква што ја има онаа на 31-ви Декември.

Значи немам намера да навлегувам во верски приказни, по ниеден основ. Ми го знаете ставот дека почитувам луѓе, а презирам нелуѓе, па нека ми се и најблизок род. Така што на таа тема, ич не сакам ниту да мислам, ниту да зборувам, ниту да пишувам.

Тоа се само измислени приказни, чијашто цел е да го разединат човештвото.

А човештвото колку и да е моќно, масовно и многубројно, сепак за жал е простодушно.

Таа пак простодушност има две страни. Од една страна се граничи со глупост, да не речам со простотилак, а од друга страна покажува својство на добронамерност, простодушност, да не речам наивност.

Тоа пак е нешто што за жал има некоја своја утеха. Звучи блесаво и контрадикторно знам, ама човештвото е скроено да верува, да сака, да помага … и да љуби. Поголемиот дел од него. Многу поголемиот.

И верувам дека тоа е сè уште така. Јас сè уште сакам да верувам дека доброто, кога тогаш, ќе го победи злото. Иако сите патишта се движат кон обратната теза. Но, се си мислам, дека таму некаде на некоја раскрсница, кога-тогаш, наеднаш се ќе тргне во насока на добрината и љубовта. Не ми се потсмевајте што вака размислувам. Многу ми е важно ова во животот и многу добрина ми носи ваквото размислување.

Јас знам дека секој од нас е најсреќен кога е вљубен, исто како што знам, а знам дека и вие знаете дека, кога човек е вљубен, дека тогаш во него цветаат сите внатрешни рози. Знаете нели, сте почувствувале сигурно, дека човек во такви моменти е семоќен, дека нема препрека што не може да ја помине, дека нема нешто што не може да го направи, дека насмевката му е како блесок на лицето, дека „од авион“ се гледа дека е вљубен. И знам дека знаете, дека нема ништо поубаво од ова. Нели!?

Е сеа, тоа што многу „изроди“ се накотија во последно време и што ја злоупотребуваат таа толку питома човечка простодушност, за тоа не знам што да кажам. Освен, истото она од пред малку, дека верувам дека кога-тогаш, ќе се случи тој нов прасок, полн со добри и љубовни честички, кој ќе ја обои цела планета во овие бои.

Всушност јас, баш и не знам дали овие „изроди“, се накотени во последно време, или само нам така на си чини. А тоа да ти било така отсекогаш. Оти, како фаќам да читам наназад низ историјата, така гледам дека секоја човечка епоха, страда, токму од некои вакви накриво насадени човечиња.

Веројатно ниту било ниту ќе биде. Накриво насадени човечиња изгледа секогаш ќе има.

Ако е така, тогаш на човека не му останува ништо друго освен во мали саксиички, внатре во себе, да си ги гаи љубовта, верата и надежта.

На крајот на краиштата каков ти е твојот внатрешен свет, таков ќе ти биде и надворешниот. Така ќе си мислиш, така ќе си гледаш.

И секако вино. Секој ден една чаша полна љубов и една чаша полна вино.

Ова се тие еликсирни напитоци, кои го чуваат здравјето. И кои го прават светот поубаво место за живеење.

Пред некој ден, една пријателка ми вика:

-Знаеш Таки што сум открила вели и што ќе почнам да практикувам.

Што, велам!?

Отсега натаму, кога ќе помислам на некого, на пример на син ми, на маж ми, на тебе, на кој било од моите драги пријатели, па и оние кои и не ми се баш така добронамерни пријатели, јас ќе им праќам љубов.

Нема везе дали таа ќе стаса до нив, нема везе дали тие ќе го почувствуваат ова. Јас ќе го правам. Секој ден и за секого.

Мене ми е убаво ова. Мене ми создава ова некоја милина во душата. Денот ми е поубав. Душата ми е поубава. Животот ми станува поубав.

Наздравје нека ни е и чашата вино и љубовта. Секој ден!

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу