Готвиме со Маја: Лана торта

Ја крстив по ќерка ми затоа што ми беше инспирација да ѝ направам торта за дома за роденден од која може да изеде дури 2 парчиња. Немам слики од претходно, бидејќи ја направив на брзина и искрено не очекував дека во толку голем број ќе ми побарате рецепт на инстаграм.

Повелете. Воопшто не е комплицирана, брзо се прави и најбрзо се јаде.

За пандишпан (без брашно)

170гр. Темно чоколадо

120 гр. Маргарин

80гр. Кафен или кокосов шеќер

½ мерилка Какао (просеано)

3 јајца

1 ванила стапче (незадолжително)

За фил со јагоди:

400гр. Јагоди

50гр. Ситно насецкано чоколадо

100мл. Млеко од лешник

10гр. Желатин или агар агар

За чоколаден мус:

200гр. Темно чоколладо

400мл. Хопла (Јас користев од лешник. Но, тука нема, па може да ја замените со обична или со овесна или од соја)

За украсување:

Малини, лешници, нане, чоколадо.

* Маргаринот може да се замени со путер. Изборот на чоколадо останува на вас може да ставите и обично за готвење. За деца преферирам темно со највисок процент на какао. Тортата е наменета за деца алергични и интолерантни на млеко. Доколку користите обична хопла додадете 100гр.шеќер во прав. А, за оние кои немаат проблеми или сакаат да биде полесно може да купите и инстант мус во прав. Пригответе го по инструкциите и ставете го на тортата.

Постапка:

Вклучете ја рерната на 190 степени. И обложете тавче 24цм. По можност од оние на кои што страните им се отстрануваат.

На пареа растопете ги маргаринот и чоколадото, а потоа разладете до степен на собна температура и додадете ги останатите состојки. Мешајте да се соедини и на печење. Од 20 до 25 мин. Кога ќе фати кора извадете го тавчето и нека се излади тестото.

Желатинот потопете го во 2 до 3 лажици ладна вода. А млекото стоплете го. Набабрениот желатин додадете го во топлото млеко и мешајте да се растопи. Додека се олади млекото во блендер насецкајте ги јагодите, но не блендирајте и додајте ги парчињата чоколадо. Потоа се заедно соединете и истурете ја смесата во тавчето. Стабете во замрзнувач 20мин. И пригответе го мусот.

Стоплете 200мл.хопла. Пота прелејте го чоколадото и мешајте да се растопи. Во сад преостантиот дел од хоплата која претходно добро сте ја изладиле изматете го со миксер да добиете цврста смеса. Додадете го чоколадото мешајќи нежно. Истурете врз тортата и изладете ја во обичен фрижидер мин. 3 час.

На крај ставив чоколадна глазура и ја декорирав.