ИНСПИРАТИВНА ПРИКАЗНА: Средношколка од Белград со молив ги црта Тоше, Каролина и Елена

Добивај вести на Viber

Пред две години, благодарение на ракометот, првпат го посетив Скопје и запознав прекрасни луѓе. Многу ја засакав вашата земја и одлучив да го научам јазикот, раскажува талентираната Марија Алексиќ

Повеќе од 2.000 луѓе кои ја следат на социјалната мрежа „Инстаграм“ се запознаени со нејзиниот талент. Марија Алексиќ е млад уметник од Србија која црта портрети на познати личности само со молив. Кога ја контактирав пријатно ме изненади нејзиното одлично познавање на македонскиот јазик. Пред две години првпат ја посетила нашата земја, а љубовта кон пријателите што ги запознала овде за неа биле доволен мотив да го научи јазикот. Марија неодамна наполни 18 години. Ученичка е во Школото за дизајн во Белград, трета година на отсекот ликовен техничар. Претходно тренирала карате, но и ракомет кој всушност бил и линкот со нашата земја.

Почнала да црта пред четири години, а неодамна го прослави 18-от роденден

Женски Магазин * Колку време црташ и која техника најмногу ја користиш?

Марија - Уште од малечка покажував склоност кон ликовната уметност, но посериозно почнав да се занимавам со цртање пред околу четири години. Експериментирав со различни сликарски и цртачки техники, но нешто што најмногу ме исполнува е цртањето со обични графитни моливи. Морам да кажам дека во почеток се обидував сè да направам и да научам сама. Меѓутоа, мојот наставник по ликовно, Владимир Маркоски, го забележа мојот талент, ми помогна да напредувам и благодарение на него влегов во уметнички води и максимално се посветив на цртањето.

Женски Магазин* Веќе си позната меѓу познатите. Која беше првата популарна личност што те инспирира да ја нацрташ и од каде идејата воопшто за еден таков израз?

Марија - Инспирацијата ја пронаоѓам во сите луѓе кои ме опкружуваат, тоа не мора да се јавни личности. Некој чија работа и дело порано ме инспирираа беше актерот Леонардо Ди Каприо, но денеска се обидувам да пронајдам предизвикувачки фотографии и да ја пренесам емоцијата којашто ја носи личност од таа фотографија.

Средбата со Елена Ристеска ѝ оставила најголем впечаток

Женски Магазин Каролина Гочева, Елена Ристеска, Тајзи, Сергеј Четковиќ и Нина Бадриќ се дел од ѕвездите кои досега те инспирирале. Дали си имала прилика некој од нив и лично да запознаеш?

Марија- Навистина, голем број на јавни личности ме поддржаа преку Инстаграм и други социјални медиуми, но, секако, не сум имала прилика и сите лично да ги запознам. Пред една година се запознав со најпознатата српска атлетичарка Ивана Шпановиќ, а набрзо потоа и со Елена Ристеска.

Женски Магазин* Која таква средба ти била највпечатлива и што тие мислат за твојата работа?

Марија- Дефинитивно, средбата со Елена ми остави најмногу впечаток. Од моментот кога се запознавме ме поддржува максимално и ме мотивира да напредувам. На голем број луѓе и јавни личности им се допаѓаат моите цртежи, но покрај поддршката на моето семејство и на најблиските пријатели, поддршката на Елена навистина неизмерно ми значи.

Ја инспирираат и обични луѓе, а најважно ѝ е да ја пренесе емоцијата

Женски Магазин* Кои се твоите професионални амбиции?

Марија- Планирам да се запишам на Факултет за ликовни уметности, тука во Белград, а потоа и да завршам мастерс студии можеби и некаде во странство. Најмногу би сакала кога би можела да живеам од работата што ја сакам, од цртањето, но свесна сум дека е тоа многу тежок пат и дека ќе треба уште многу работа и труд за да ја исполнам својата цел.

Женски Магазин* Немаш македонско потекло, а одлично го зборуваш нашиот јазик. Колку време ти требаше да го совладаш?

Марија- Пред две години, благодарение на ракометот, за прв пат имав прилика да дојдам во Скопје и да запознам прекрасни луѓе. Навистина многу ја засакав Македонија и поради љубовта кон моите македонски пријатели одлучив да го научам јазикот, иако сè уште имам многу трема додека зборувам.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов