ИНТЕРВЈУ-ВЕСНА ЃИНОВСКА-ИЛКОВА: Државата треба самата да ги наградува уметниците

Добивај вести на Viber

Член сум на советот на министерот Алаѓозовски на негова лична покана. За годишната програма не сум одговорна да зборувам поради фактот што имаше комисии кои работеа на неа.На првиот конкурс „Летен бран“ бев одбиена, на овој конкурс одобрени се ми се проектите

Нејзината биографија ја красат повеќе од дваесет годинина оперската сцена, и околу 20 водечки оперски улоги, во Македонија и надвор. Никој кој ја слушал и ја гледал не останал рамнодушен пред нејзината моќна вокална и драмска изведба. Сопранот Весна Ѓиновска – Илкова е дама и уметник за восхит. Дипломирала на ФМУ во класата на професор Милка Ефтимова, а магистeрските студии ги завршува во Белград во класата на професор Радмила Бакочевиќ во 2008 година. Таа е првенец во Операта и редовен професор на ФМУ. Добитник е наградата „13 Ноември“, која ја доделува градот Скопје, а стопанската комора на Република Македонија ја прогласува за почесен амбасадор на културата. Весна е член на Советот за култура во Министерството за култура, а приватно е горда мајка на Ведран и на Борјан и сопруга на Љубомир. Отворено за нејзината кариера и живот , и за состојбите во културата, оперската певица раскажа за Женски магазин.


Женски магазин- Имате ли бројка, колку оперски улоги до сега сте испеале и во која како уметник и како личност најмногу сте се пронашле?

Весна- Најнапред благодарам за поканата на Вашиот портал. После подолго време, ова е прво интервју. Улогите се над 20 заглавја на претстави.Секоја претстава или поточно улога има своја тежина. Многу е битно кога ја земате да ја работите, дали сте технички спремни во моментот, и како ја гледате вашата кариера. Од својата долгогодишна работа научив дека мора да се почитува вокалниот апарат. Секоја претстава или поточно улога има своја тежина. Битно е кога се почнува со работа на истата, треба да се има предвид техничката спремност и моменталната кондиција.И уште нешто по суштествено како ја одредувате самите својата кариера. На краток или долг пат.


Особено драги улоги се повеќе но ќе ја издвојам актуелната „Турандот“. Сметам дека припаѓа во групата на исклучително драмски оперски дела, со своја експлицитна вокална фраза. Нејзината тежина се отсликува во вториот чин, каде самата улога бара многу „паметно“ пеење. Со истата претстава ќе се претставам на годинешното издание на Мајските оперски вечери.

Весна со сопругот Љубомир во Њујорк

              Весна со сопругот Љубомир во Њујорк

Женски магазин- Кои се вашите следни, најскоро ангажмани во операта, подготвувате ли нова улога?

Весна- Цели и идеи има секогаш, што значи дека креативниот ум не отсуствува. Оваа година работам на повеќе проекти кои ќе бидат презентирани во тековнава сезона.

Женски магазин- Со оглед на вашата повеќе од 20 годишна кариера како оперски солист и професор, дали мислите дека сте ги постигнале замислените цели до сега, и дали државата ве испочитувала и ве наградила според вашите очекувања?

Весна- Не застанувам да работам,и покрај фактот што државата треба да ги препознава уметниците и самата да иницира тие да бидат вреднувани според остварувањата. Лично, приоритет ми е сопствениот квалитет. И како уметник и како професор. Пред сѐ како човек. Признанијата се само потврда на претходните карактеристики. Но, сепак значат и имаат своја тежина во придонесот на уметникот.

Женски магазин- Освен многуте позитивни критики и пофалби за вашето пеење, сте слушнале ли и негативни, и како реагирате на нив?

Весна- Кога станува збор за критика, кај нас некако отсуствува. Го паметам еден Чучков кој со страхопочит го гледавме. Следеше буквално се што се случува во театарот. Ако неговата критика е позитивна, знаевме дека е добро е завршена работата. Подоцна дојде нова генерација на критичари, исто спремни и со желба да дадат ветер во грбот ако е потребно. Силни генерации.

          Како Тоска во операта „Тоска“ на Џакомо Пучини

Женски магазин- Член сте на Советот за култура на министерот Роберт Алаѓозовски. Какво е вашето искуство од работата таму и за што најмногу се залагате?

Весна- Да. Член сум на советот на министерот Алаѓозовски на негова лична покана. Советот како тело составено од уметници и стручни лица има надлежност, и му дава мислење на министерот за култура за прашања од национален интерес. Работата е секогаш конструктивна, аналитичка и во насока на подобрување на културата како таква.

Женски магазин- И вие сте дел уметниците на кои Министерството за култура им додели средства според националната годишна програма. Поделени мислења имаше јавноста за оваа одлука, а дел од нив се врзува и за вашето име како член на Советот, како судир на интереси. Како го коментирате ова?

Весна- За годишната програма не сум одговорна да зборувам поради фактот што имаше комисии кои работеа на неа.На првиот конкурс „Летен бран“ бев одбиена, на овој конкурс одобрени се проекти, два концертни и аудио запис. За проектите имам добиено покана. Пред да аплицирам, истото го поставив како прашање, и ми одговорија дека судир на интереси нема.

Во повеќе од 20 годишната кариера, Весна има испеано околу 20 главни улоги

Женски магазин- Кој е според вас ваш најголем успех дома и интернационален успех?

Весна- Јас градам кариера, и сè уште сум во неа. Успехот е единствен. Во мојата 23 годишна кариера имам над 20 главни улоги, премиери и претстави, гостувања во државни театри:Словенија, Хрватска, Данска,Русија, Романија Турција, Србија, Бугарија… Бев учесник на интернационалниот фестивал Ханс Габор Белведере 1996/98, учество на фестивали со продукции од државните театри на Хрватска и Анкара, учесник со концертни рецитали во Москва, Сан Петерсбург, Атина, Солун, Тирана,Софија,Њујорк,учесник на жири во меѓународни натпревари.

       Хуманитарна работа со Лајонс клубот

Женски магазин- Дали сте размислувале за тоа да се преселите од Македонија и да градите кариера надвор?

Весна- Да. Но околности кои ми беа наложени беа приоритетни. Тогаш требаше да дадам отказ од операта кај нас и да заминам. Затоа одлучив од овде да работам надвор.

Женски магазин- Кој е ваш ритуал, подготовка за настап?

Весна- Подготовките се секогаш многу порано од самиот ден на претстава. Активна работа,вежбање, и посветеност.

             Со синот Ведран

Женски магазин- Како изгледа еден ваш обичен ден со семејството кога не работите?

Весна- Кога не сме на работа обично сме некаде на планина со мојот сопруг Љубомир, кој е машински инженер. Синовите Ведран и Борјан само понекогаш не дружат. И многу често сме сами или со пријатели.

Со синот Борјан

Женски магазин- Како би се опишале како личност, каква е Весна кога не е на сцената?

Весна- Упорна,искрена,амбициозна, борец за правата на лицата со посебни потреби, хуманитарец.

За Женски магазин, Милица Џаровска