„Суштината е човек да научи да се бори да остане свој, наместо лажна слика пред другите“: Интервју со новинарката Јана Јосифоска

Јана Јосифоска е новинар во информативната редакција на Канал 5 Телевизија, и водител на дебатната емисија „Само вистина“.

Вели ретки се деновите кога започуваат опуштено, а таквите ги сака, без да брза некаде, едноствно прата голта кафе да ја пие во мир. 

„Со оглед на мојата професија, не секогаш е така, ние сме најчесто во трка со времето. И токму затоа утринското кафе е мојот посебен ритуал, ако сум дома. Најубаво ми е кога го пијам сама, во тишина, пред да почне комуникацијата со многу луѓе и настани“.

Кафето е пијалокот без кој не може да си го замисли почетокот на денот, но тоа е волшебен напиток кој ѝ помага добро да се фокусира.

„Како голем љубител на кафе понекогаш знам и да претерам со негова консумација, па бенефитите тогаш се дискутабилни хаха. Но дефинитивно тоа е пијалок без кој не можам. Покрај што ме буди, ми дава енергија и подобар фокус“.

Го обожава турското кафе и секогаш го прави по нејзин рецепт.

„Фан сум на кафе во ѓезве или кај најпознато како „турско“ кафе, особено наутро. Голема кафена лажица и вода да зоврие, без шеќер. Но ги сакам и инстант кафињата, најчесто „нескафе“ со малку млеко и топла или ладна вода, зависно од моментот“.

Во текот на денот за дополнителна енергија не се добива само од шоља кафе, туку и од други активности. На пример за Јана музиката е нејзин стимулатор.

„Чаша цеден лимон со мед и банана. Пешачење макар и на кратки релации и музика... Многу музика. Излегување од комфорната зона и се разбира, позитивна мисла и искрени луѓе“.

Ако зборуваме за она што ја мотивира ќе каже неколку работи, а помеѓу и оваа „мали ситници и гестови кои многу ми значат“.

„Љубовта. Желбата за подобро утре. Добрината, која, за жал, се помалку ја гледам во луѓето. Мојот мал круг на големи луѓе кои се мојот столб и огледало. Семејството. Стремежот да се биде подобра верзија од себе. Средби со луѓе кои интелектуално и духовно ме хранат. Успешно завршен работен ден“.

Како ќе изгледа денот зависни што тој ќе донесе. Дневните рутински обврски започуваат на нејзиното работно место како новинар. 

“Па зависно од денот. Најчесто работните обврски ги дефинираме на утрински колегиум, освен ако однапред немаме договорено снимање. Како новинар во информативната редакција на Канал 5 нашата задача е објективно да ги информираме граѓаните за актуелни теми во вестите. Најчесто преку прилог, јавување во живо од настан, изјава, интервју или репортажа. Комуникација со безброј луѓе и институции во потрага по одговори. Секако тука влегуваат и подготовките за најгледаната политичка емисија „Само вистина", која е голема одговорност, но и предизвик“.

Покрај работните обврски, убавиот момент е кафето испиено со колегите,  традиционално со колешката Андријана ( како што и самата ви кажа во интервјуто неодамна). Со оглед на тоа што во новинарството нема однапред дефинирано работно време, штом завршам со обврските во ТВ, ги прилагодувам останатите работи.

Кога работните обврски стивнуваат, доаѓа и крајот од днеот кој Јана најчесто го поминува без претходно направен план.

„Моите денови се различни, немам утврден шаблон. Некогаш денот го испраќам работно, понекогаш дома со филм или серија, а чест гостин сум и на театарски претстави. Сепак омилениот дел ми е дружбата и времето поминато со најблиските луѓе и мојата "екипа", кое е сѐ, само не обично, ниту површно. Без разлика дали сме дома, во кафуле или кафана“.

Книги обожува, но вели „реалноста е дека, не секогаш успевам да читам колку што сакам, но книгата е моето бегство од реалноста. Од класиците до модерна литература. Истото важи и за филмот“.

Со која убава мисла го започнувате денот... или го завршувате?

 -Убави мисли има многу, не постои само една и конкретна. Често секојдневието, околностите и општетството знаат да натежнат и да не скршат. Суштината е човек да научи да се бори да остане свој, наместо лажна слика пред другите. И така да се развива и надоградува. Сепак, покрај сите подеми и падови, благодарна сум за се што имам и отворена за се што претстои.

Габриела Додевска Глигоровска