,

Kампањата „Биди фер! За детство без пречки“ поттикна позитивни реакции

Второто видео со скриена камера - снимено една година по првото кое прикажа како луѓето реагираат кога ги послужува помошник-фармацевт со Даунов синдром - покажува позитивни знаци на промена во ставот кон попреченоста. Откако беше прикажано на почетокот од годината, првото видео со Нина Костоска -студент на четврта година која во слободно време помага во аптеката на татко си - се прошири по медиумите низ земјата. Тоа поттикна дискусија за стигмата кон лицата со попреченост и предизвика голем интерес и поддршка за способностите на Нина. „Се согласив да го снимам второто видео за да видам дали реакциите на луѓето ќе бидат различни откако дознаа повеќе за мене“, рече Нина Костоска. „Луѓето беа поотворени да добијат совети од мене, беа попријатни, и тоа многу ме расположи.“ „Стигмата често се заснова врз сознанија изградени на стереотипи. Недостатокот на информации, заблудите, изолацијата и сегрегацијата ги одржуваат ваквите стереотипи - па најдобар начин за решавање на стигмата е да се прекинат стереотипите“, рече г. Бенџамин Перкс, претставникот на УНИЦЕФ. „Тоа е доказ дека најдобар начин за надминување на стигмата е инклузијата да стане реалност.“ Новата фаза од „Биди фер! За детство без пречки“ со пораката „Види ја способноста, а не попреченоста“ става акцент врз прифаќањето на тоа кои се децата и што умеат да направат, а не врз пречките од нивното оштетување. Серија од дванаесет билборди на кои децата со попреченост се прикажани како пријатели, студенти, ученици, музичари, спортски шампиони, браќа, внуци, истакнувајќи ја љубовта, љубопитноста, радоста и способноста што тие ја носат, се поставени на 100 локации низ земјата. Детскиот филмски фестивал „Караван за детство без пречки“ ги посетува заедниците во земјата, давајќи им можност на децата, наставниците и родителите отворено да зборуваат за прашањата на попреченоста. „Новата кампања Види ја способноста, а не попреченоста се однесува на ослободување на потенцијалот на секое дете и дава осврт на ставовите што ја попречуваат инклузијата. Новото видео со Нина дава надеж дека општеството станува поотворено за инклузијата“, продолжи г. Перкс. „Веруваме дека ова ќе се претвори во забрзана системска реформа за да се обезбеди секое дете да ја добие потребната поддршка и да оди на училиште со своите врсници, да ги добие потребните здравствени и социјални услуги и да се стави крај на исклученоста, изолацијата и институционализацијата на децата со попреченост“, рече г. Перкс. Кампањата „Биди фер! За детство без пречки“ има за цел да мобилизира поддршка за инклузија. Таа е дел од пошироката програма поддржана од УНИЦЕФ за унапредување на правата на децата со попреченост и е поддржана од регионалниот проект финансиран од ЕУ и УНИЦЕФ „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во земјите од Западен Балкан и Турција“.