Ќе носам комбинезон место венчаница: Нина Јанева денеска се мажи

„ Денеска е мојот последен ден како госпоѓица Јанева“, вели пејачката Нина Јанева, која денеска ќе се мажи за Александар Николовски. 

Харизматичната пејачка која е еден од нашите најквалитетни вокали, ни откри интересни детали за венчавката.

„ Симболично го избравме токму 19 октомври, затоа што и двајцата сме родени на 19, јас во јуни, а тој на 19 август“, вели Нина. „Денеска само ќе се регистрираме и организираме вечера за најблиските. Следната пролет или лето, планираме поголема забава за повеќе пријатели, на некоја убава локација на отворено. Можеби ќе изнајмиме куќа, но има време до тогаш“, ни раскажа Нина.

Идната невеста ќе биде необично облечена на свадбата. Вели дека сосема три дена пред венчавката одлучила што ќе облече. „Ќе носам комбинезон место венчаница, со свечени детали и акцент на накитот. Целата организација ја завршивме за една недела“, раскажа Нина. 

„ Александар и неговиот брат Боби беа во друштвото на другар ми Дејан со кого пред шест години одлучивме да настапуваме во живо и на кого, патем, му должиме пар чевли или патики како што е редот. Една ноќ разговори беа пресудни да знам дека има едни очи во ова друштво, што ги сакам за себе. Беше многу тивок. Станавме многу добри другари. Деноноќно заедно. Заради недоразбирање, по две години престануваме да комуницираме. Во септември 2015, Александар се врати од странство каде живееше и работеше неколку години и се врати во мојот живот. Среќата беше неизмерна“, ја раскажа Нина љубовната приказна претходно за Женски магазин. 

Александар ја побарал за жена во приватност, кога воопшто не очекувала. 

„Стасав од настап од Тетово околу еден часот по полноќ. Живееме заедно и ме изненади што сè уште беше буден. Среќата што ја почувствував во тие моменти и која од ден во ден ми е сè поголема посакувам сите да ја доживеат. Александар ми го подари најубавиот момент во животот, благодет да почувствувам вистинска љубов. Прифатив низ солзи и радост“, додаде Нина. Таа вели дека во моментов не подготвува нов материјал, туку е фокусирана на приватниот живот.

М.Џаровска