Нема оправдување!

Насилството врз жените, говорот на омраза и предрасудите се сè уште присутни во светот. Наш приоритет е да обезбедиме заштита и поддршка за секоја жена и девојка. Наша борба е трајно да ги искоренеме овие појави од општеството. За ваков свет се бориме секој ден! Оваа порака денеска ја сподели министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на Меѓународниот ден против насилството врз жените.

Очекувано, денеска на социјалните мрежи сите зборуваат на оваа тема, за насилството кое најчесто останува непријавено поради неказнивоста, молкот, стравот и срамот на жртвите.

„Паркот на жената борец“ вечерва ќе биде осветлен со портокалова боја (симбол за посветла иднина без насилство врз жените). Во земја како нашата во која жената сè уште е маргинализирана на повеќе фронта, треба да се (пр)осветлуваме постојано, а не само денес.

Да не заборавиме дека ниедна жена не сака да биде деградирана и обесправена. Таквата жена не може да биде храбра и гласно да зборува. За целосната еднаквост на жените и мажите во политиката, но и во животот воопшто, треба да дебатираме секој ден, а не само во предизборни кампањи.

И како што напиша Ина Многуфина, ниеден насилник не е фраер. Не е фраерско да те вреѓа, не е љубов ако е посесивен, не е срамота да пријавиш ако те тепа, не е срамота да кажеш некому дека си жртва.

Едноставно #НемаОправдување.

Женски Магазин