Sorry seems to be the hardest word

Дозволено е да грешиме, грешките се нашиот најголем учител и потсетник на тоа до кај сме со сопствениот раст. Додека учиме од нив, има надеж!

Прочка беше единствениот празник кој мојата покојна баба не го признаваше, иако сите адети си ги тераше по пропис, жалејќи што од мене не можеше да стори верник. А се обидуваше пустата. 
Ме информираше за сите верски празници, кога бев во Битола ме носеше во црква за да запалиме свеќа за здравје, ми го одбележуваше именденот во Август. И’ го правев ќефот, иако кај мене никогаш не се всади онаа стравопочит кон црквата и свештените лица. Кога ќе дојдеше прочка, го терав атерот и ќе се јавев на телефон, а уште на првото кревање на слушалката ми велеше “чупе, ако се јави да се лигајме, одма ќе ти спуштам”.
 Долго време тоа ми беше смешно, без да се навлегувам подетално во размислување. Како стареев, ја сфаќав нејзината лутина и фрустрација од еден навидум убав празник и ден во кој сите полни лажна милост во срцата си ги плакнат устите. Бев воспитана да размислувам со своја глава, да сум критички настроена кон себе и своите постапки, да кажам извини кога ќе оплескам, да прашам кога нешто не ми е јасно, без да се правам оти се’ разбирам. 
Татко ми велеше дека нема ништо срамно во незнаењето, туку срамот е во самоувереноста дека се’ знам, со неодминливата казна дека тоа ќе излезе на виделина. И ден денес сум таква. Дали е тоа добро или лошо, не знам. Знам дека не можам поинаку и дека суетата ми е помалку важна од искреноста на ИЗВИНИ, која нема да ме чини ништо, а ќе ми донесе мир...со себе и со оној на кој сум му згрешила.
А сум грешела. Што од немукает, што од незнаење, што од брзоплетост и она “јазикот ти е побрз од умот”. Сум грешела и ќе грешам. Ми се смееле кога сум кажувала извини на ќерка ми кога имала 3 години, демек ништо нема да разбере. Ама ете, во мојот ум работите стојат поинаку.
 Извинувањето не е покорување, не е потчинување кон другиот, туку е чистење на душата. Но, како и секоја работа во животот, така и оваа има две страни. Извинувањето станува преценето и излишно, доколку ги повторуваме грешките. Тогаш е само фраза и евтино клише кое ја губи својата вредност и тежина. Злоупотребата на моќниот збор, го прави истиот да стане безвреден и само да дотура сол на веќе направената рана.
 “Прости ми” не е и не смее да биде начин како да се замолчи другиот. Човек кој не знае во тишина со сам себе да се преиспита за своите постапки, не е достоен за да се извини. Зборовите со тек на време не вредат ни пет пари, а искреноста и довербата исчезнуваат. Имав партнер за кој отпосле дознав дека лажењето е хоби, дека едноставно човекот не знае и никогаш не научил да се вреднува себе доволно, а со тоа да ги почитува и вреднува другите. На секоја лага која ја откривав добивав драматични извинувања и ветувања дека е тоа последен пат.
 Да не должам, имаше милион последни пати. Мојата наивност или за некого глупоштина (не бегам од одговорноста) се сосем друга тема. Тогаш имав гнев и кон себе, кон воспитувањето од моите родители и кон него. Додека еден ден не ми стана сеедно. Додека не сфатив дека бремето на сите наши постапки си го носиме на грб сиот живот. Додека не се ослободив од тоа, со сознание дека мирно спијам навечер и дека совеста ми е мирна, се измачив со прашања кои почнуваа со “зошто?!”. Прости не е збор! 
Прости е состојба на нашата душа. Прости е одговорност. Прости е доблест и чистота. Прости е нешто што се кажува кога и тебе ќе те здоболи душата од направеното или кажаното. Прочка е единствениот ден во годината кога одбивам да се преслушам себе за грешките кои сум ги сторила. Оти секој ден, секој божји ден умот ми работи три чекори нанапред во мисла да не повредам или навредам. И кажувам. Покорно и со милост кажувам дека сум оплескала. А потоа, грешката која сум ја сторила ми стои како аларм, да ме потсетува дека не смеам да ја повторам.
Простувајте и барајте прошка. Не во ден кој е запишан на календар. Простувајте и барајте прошка тогаш кога ќе забележите сенка на нечие лице после некоја ваша постапка или збор. Дозволено е да грешиме, грешките се нашиот најголем учител и потсетник на тоа до кај сме со сопствениот раст. Додека учиме од нив, има надеж!
Баба ми беше жена од адети прва кога се правеа парастоси на сите верски празници со свеќата в раце си го тераше редот ко шо треба со сите салтанаци ко список во глата да имаше стокмена и испраена со напраена фризура кај Сајмето.
 Уба жена и по лик и по табиет велат една од најубајте битолчанки на времето е таа моја покојна баба не ја сакаше само Прочка и велеше во лутина “отепај го чоек преку годината гази му по душата срцето скини му го еден збор арен да не му прогоориш и после нацртај му се на врата да бараш да ти прости” баба ми во Прочка не веруваше.
 А и јас не ја сакам ете тоа од неа ми останало иако за се’ друго семката прилепска ми е и не барам да ми се прости на денот ниту пак некому простувам тој ден оти кажувам извини ко ќе згрешам не чекам оти чоек денес го има а утре не.  И душава да ми е чиста сакам а ничија да зацрнам неќам затоа ко ќе ја оплескам ко кутре со свиен опаш сум со глата удолу и молам да ми се прости ете, табиетлија сум и ден за простување немам исто ко што немам ден за љубов и ден на дете или жена не славам.
За мене секој ден е добар за гревот од плеќи да го симниш и секој ден е совршен за да го гушниш детето да му покажиш оти е еден цел универзум секој ден е сосем арен ден на оние околу себе да им кажиш дека ти е убо со нив да им кажиш оти ти се убај луѓе и ги љубиш оти денот ко ден ќе мине и само бледо сеќавање од него ќе имаш ниту ќе се брои ниту пак во градите ќе ти остани.  
Ама годината полна љубов годината ќе ти остани вкусот нејзин во грлото и тежината нејзина во срцето и убоста нејна убоста во душата ќе ја носиш проштавајте и простено нека ви е сакајте се секој ден секој, секој ден оти денес тука сме утре којзнае каде коските ќе ни вијат а денес денес е совршен ден за ТЕ САКАМ 
 До следниот понеделнички муабет, За Женски Магазин, Ана Бунтеска