Тамара за „Женски Магазин“: Едвај чекам оваа позитивна енергија да ја споделам со Вас

Многу сум среќна со овој резултат за мене и за мојот тим. Ние сме победници и едвај чекам оваа позитивна енергија да ја споделам со Вас. Ова е пораката која Тамара Тодевска ни ја прати специјално од Израел, откако вечерва успеа на нашата земја да ѝ донесе неочекувано добар пласман на „Евросонг“.

Со максимални 12 поени од Велика Британија, Австрија, Албанија, Молдавија, Швајцарија и од Србија, нашата земја оствари историски пласман на евровизиското натпреварување. Тамара Тодевска се пласира на осмото место на 64-то издание на „Евросонг“ во Тел Авив, максимално освојувајќи ги симпатиите на стручното жири. За жал, публиката во Европа не ја препозна пораката на Proud, па од фантастичното второ место по гласовите на арбитрите, Тодевска падна шест места подолу добивајќи скромни 58 поени по пребројувањето на гласовите од публиката.

Она што непријатно нѐ изненади се скромните поени од Словенија (2). Еден поен добивме и од грчкото жири.

Македонската јавност максималните поени ѝ ги додели на Италија, Австрлија и на Албанија.

Ѓ.С.