Вицовите за коронавирусот и еволуцијата на нашата свест за него

Уште водиме војна за останување дома и војната, наспроти сите предупредувања, се уште не е добиена. Но, во моментов не постои друг начин за запирање на ширењето на вирусот. Кој сфатил – сфатил, кој не сфатил – и натаму се загрозува себеси и тие околу себе.

Сепак, споро и со видлив отпор, сознанието за важноста од останувањето дома, се чини, полека се усвојува. Дури и непретенциозната анализа на вицовите за новиот вирус, како паралелна хронологија на тоа што ни се случува деновиве, покажуваат дека свеста за важноста на мотото „Седи си дома“, конечно, созреала.

Еве преглед на корона-вицовите, кој покажува како течеше тој процес – од потценување и ноншалантност на почетокот до прифаќањето на целата сериозна закана што ја носи вирусот - деновиве.


Јануари

Можеби меѓу првите шеги кои се јавија на почетокот на оваа година, кога новиот вирус избувна во кинескиот грд Вухан, беше: „Кинески е вирусот, мора да е фејк“. Вицот во исто време ја сублимираше и нашата лежерност кон новата зараза и неверувањето дека ќе постигне пошироки размери – оти доаѓа од Кина, неофицијалната престолнина на фалсификатите.

Кога почнаа да се јавуваат првите сознанија за тоа како делува и кој е позагрозен, се појави нов виц. „Вирусов сигурно го измислиле жени – умираат само мажи, укинат е фудбалот, не смееш во кафана и мораш да седиш дома со жена ти“.

Така, коронавирусот уште од стартот се покажа како нов мегдан за преиспитување на машко-женските односи. Се појавија дузина варијации со вицови на оваа тема, но се уште бевме на 50-50. Нерешен беше резултатот – ќе се плашиме или не, но како што растеше бројот на заболените во Кина, потпорасна и сериозноста во колективниот однос кон коронавирусот.


Февруари

На крајот на јануари и на почетокот на февруари, коронавирусот дојде во Европа. Прво во Франција. Добро, сега веќе ни беше поблиску и тоа ги вклучи алармите. Но, шегите за новиот вирус и натаму беа лежерни. Отаде Атлантикот се уште немаа ни абер за него. Едно истражување во САД, спроведено во ова време, потврди дека неверојатно висок степен на испитаници, прашани што е извор на вирусот, одговориле: мексиканското пиво „Корона“.  Не е виц, иако звучи како добар виц.

На првата најава дека е можно да се прогласи домашен карантин, веќе почнаа да фрчат шеги од типот – ќе се зголеми ли сега наталитетот или бројот на разводи? Но, се уште посериозно правевме вицовите, отколку што ги слушавме предупредувањата на здравствените власти. Се додека не се случи Италија.


Март

Март беше пресвртница во нашето разбирање на сериозноста на новата здравствена закана. Искуството на Италија промени се. Уште се правеа вицови, ама сега тема стана редукцијата на движењето и на јавните собири, која веќе стапи на сила.

Драга жено, бев со колегата во кафеана на пијачка, еден кивна на соседната маса, цела кафеана е во карантин. Се гледаме за 14 дена“.

Каде да се помине периодот на изолација стана нов предизвик за мајтапџиите. Од прашањето „А, мора ли дома?“ се развија едно чудо вицови, но веќе беше јасно дека социјалното дистанцирање е неминовно. Особено кога СЗО прогласи пандемија.

Кога се радикализираа забраните за движење, социјалните мрежи ги преплавија мемиња на згодни мускулести мажи на првиот ден од карантинот и на такви со заоблени и опуштени стомаци, 30 дена подоцна.

Но, многумина останаа дома и разбирањето на заканата од коронавирусот премина во нова фаза. Набавките, резервите и психозата, откако се јави мотото „Седи си дома“, особено создавањето залихи на тоалетна хартија, станаа посебна тема на мајтапење. „Гледам еден во супермаркет влече најлонска вреќа полна со тоалет-хартија и му се путтив, како не ти е срам, му велам, а тој ме гледа бело и вели – госпоѓо, јас работам во маркетов“.

Деновиве, сериозноста на здравствената закана од коронавирусот е апсолвирана. Можеби за тоа најдобро зборува и популарноста на некои изјави, натопени во црн хумор, кои станаа вистински вирални хитови. Најцитиран е, деновиве, коментарот на шпанската истражувачка по микробиологија. „На фудбалер му плаќате еден милион евра, а на истражувач во биолошка лабораторија 1800 евра. Сега барате лек. Па, барајте од Роналдо и Меси да ви најдат лек“.

Можеби овој нејзин црн хумор зборува најдобро за тримесечната еволуција на колективниот став кон коронавирусот и за неговиот актуелен статус, сега сочинет од гнев, анксиозност, страв, па и преиспитување на севкупните досегашни вредности.


Јасна Франговска