ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?

Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов

„Игри без граници“ (Тоше Проески)


Оваа недела Тоше Проески беше топ-тема во регионот откако авторот на овој хит, Мирослав Рус, конечно ја разреши мистеријата како истиот настанал. Иако фановите мислеа дека стиховите се наменски пишувани за легендарниот пејач и дека го опишуваат неговиот живот, вистината е дека оваа песна воопшто не била наменета за него.

- Тоа е песна што ја напишав пред да го запознаам Тоше. Една или две години пред да ја отпее тој, се сретнав со продуцентот Никша Братош и го замолив во име на нашата долгогодишна соработка бесплатно да ми направи аранжман на песна што не сакам да ја дадам на никого. Му реков дека сакам да ја отпеам сам, дури и да ја упропастам. Тоа беше нумерата „Игри без граници“. По некое време, додека заедно се возевме со автомобил, Тоше почна да пребарува по моите цедеа барајќи песни за кои слушнал дека не сакам да ги давам на други и првата што ја најде беше токму таа. Тоа беше крај. Рече дека тоа е песна за него и воопшто да не сонувам за тоа да ја отпее некој друг–раскажа Рус.

Кога стигнале во студиото, сите зборувале дека Проески е уште многу млад за таква песна, но кога ја отпеал сите биле воодушевени.

- Му реков дека ја изведува подобро отколку што јас ја напишав – се потсети авторот на темата.