„Жалам што не сум со мојата мајка“: Мими Јовановска и Анета Вршкоска Јовановска за песната и спотот „Мајка“ ексклузивно за Женски магазин

„Не жали ме , мајко не жали ме, тоа што одам од тебе. Солзиве што капат по мене, знаат што сѐ ќе помине. Далеку си ти од мене, но ќе дојде ден да нѐ собереш…“

Токму со овие зборови, младата талентирана пејачка Мими Јовановска врвно и само како што таа умее, со нејзината емоција и беспрекорен глас, ја донесе песната која допре до многумина, а посебно до оние кои се разделени од своите мајки, родители, или деца.

„Мајка“ е името на нумерата, а приказната во песната е вистинска и за авторот на текстот, Филип Нуне, и за пејачката Мими, кои исто така растеле далеку од родителите. Зад спотот, кој маестрално ја покажа суштината на песната се потпишува Даниел Јовески.

Дел од спотот е и познатата Охриѓанка Анета Вршкоска Јовановска која ја знаеме како Анета Кловнета. Таа е можеби највеселиот кловн кој некогаш сме го виделе и запознале.

Охриѓанката која најчесто ќе ја сретнете како ги разубавува родендените на децата кои благодарение на нејзе сега ја пеат македонската верзија од роденденската песна е пред сѐ голем волонтер, едукатор и хуманитарец. Посебно место во нејзиното срце имаат дечињата со посебни потреби, а во ова вкрстено интервју Анета ни раскажува за нејзината улога во спотот за песната „Мајка“.

ЖМ: Мими, бројни честитки и сите пофалби за вашата најнова песна. Кажете ни која беше вашата прва мисла кога го прочитавте текстот за „Мајка“ , како реагиравте?

МИМИ: Мајка е значи за сите нас нешто неразделно до крајот на животот. Секогаш за нас зборот „Мајка“ е емоција која не може да се опише. Така и во оваа песна од самиот наслов па и во целиот текст е еден збир на емоции што секој човек ги живее.


ЖМ: Почитувана Анета, Вие се појавувате во спотот „Мајка“, најновата песна на Мими Јовановска. Кажете ни како се случи соработката?

-Анета В.Ј: Благодарност до Женски магазин што ја забележа мојата улога во спотот на Мими Јовановска насловен „Мајка“. Соработката со сценаристот и режисер на спотот Даниел Јовески е одамна на повеќе полиња поврзани со музиката, ова е втор официјален спот каде имам улога во негово ремек дело и имаме еден кој беше договорен, но заради итноста на снимањето и моето здравје во тој момент улогата ја презеде и одлично ја сработи друга актерка. Морам да бидам искрена и да кажам дека нашата конверзација започна многу кратко и јасно: „Дали знаеш да плетеш“,  јас одговорив: „Да“ и испратив фотографија од моите црни нокти во тој момент на што слатко си се изнасмеавме, следуваше испраќање на песната и STORYBOARD.

Со целосен опис на сите сцени уште на прво слушање песната ми се залепи за душа, ја прифатив улогата, договоривме термини и го сработивме најпрофесионално.

ЖМ: МИМИ , Преголема емоција, впрочем каков што е и текстот, и целата изведба, покажавте и во спотот...

МИМИ: Да, во спотот е покажана емоција и таа е вистинска. Не може да се одглуми нешто што во себе го живее човек. „Мајка“ е песна на реалниот живот како во пеењето така и во самиот спот се потрудив да ги искажам сите емоции. 


ЖМ: Анета, целиот ваш настап во спотот е извонреден. Солзи, емоции, баш такви какви што покажува секоја мајка при разделбата со своето чедо. Како успеавте во оваа мисија?

Анета В.Ј.: Животното искуство на сцена и пред камера ми е од средношколските денови и тоа многу помага кога треба да се одигра некоја улога, но ова беше нешто посебно, улога која всушност ја живеам во моментов.

ЖМ: МИМИ, Ви требаше ли многу време да се подготвите за спотот, како го доживеавте целиот тој процес?

МИМИ: Па да, имаше долги подготовки за да навистина излезе како што можете сите сега да го видите. Точно беше бирана локацијата, гардеробата, глумците, времето кое го покажува минатото, но го спојува и денешното. Секое спремање е нормално притисок за да го претставиш она што го правевме во вистинско светло. Целиот тим сме сега задоволни од тоа како изгледа целиот наш ангажман.


ЖМ: Анета, Колку Вам ви беше лесно, а колку тешко да се внесете во целиот процес?

Анета В.Ј.: Со оглед на мојата возраст и возраста на моите синови Јован и Јаков кои пред неполна година одлучија да живеат самостојно Јован со своето семејство, а Јаков заради работни обврски. Истовремено беше и многу лесно, но и многу тешко, за среќа имав доволно време за целиот процес од влегување во улогата до разработување на сцените во просторот и користење на потребните реквизити, но приказната од песната ги извади на виделина вистинските чувства кои искрено мислам дека не можат да се одглумат, таа нита помеѓу мајката и синовите е многу специфична .


ЖМ: Реакцијата на публиката беше очекувана. Какви коментари добивте за песната и спотот?

МИМИ: Песната како што кажав ја претставува вистинската слика на едно денешно и минато време. Тоа погодува многу луѓе и истото тоа ми го пишуваат. Луѓето ја почувствувале таа љубов и емоција во песната. Добивам позитивни коментари цело време и ми е жал што исто така имам коментари каде многу луѓе сум растажила и заплакале на оваа нова песна. 

Анета В.Ј. :- Спотот е одлично прифатен од публиката за што е сведок и  бројот на прегледи на Јутјуб, а и реакциите на моите пријатели или познаници кои напишаа прекрасни зборови на социјалните мрежи каде го објавив. Некои помислија дека сме во роднинска врска со Мими бидејќи имаме исто презиме, но ние лично не сме имале прилика да се запознаеме.

Си ветивме во порака и со Мими и нејзиниот сопруг, автор на музиката и текстот дека ќе ја искористиме првата можност за средба , да прославиме за успешно завршената работа.



ЖМ: МИМИ, Песната е создадена по вистинска приказна, во која се пронаоѓате и Вие и вашиот сопруг?

МИМИ: Песната е создадена како што кажав во едно време во кое скоро секое семејство има некој иселено некаде и жали за некого. Така и ние се пронаоѓаме во оваа песна бидејќи е реална приказна во која живееме. 

ЖМ: Мими, На промоцијата рековте дека сте живееле далеку од вашата мајка. Зошто беше така, што се случи, дали би можела да ни раскажеш?

МИМИ: Животот носи такви времиња од кои ние треба да учиме. Жалам што не сум со мојата мајка и денес таа живее во една подалечна земја од тука. Се гледаме често колку што ни дава времето, но тоа што сме разделени секогаш е тешко од самата помисла...

ЖМ: МИМИ, Идни планови ?

Моите очекувања за во иднина се големи, имам големи цели и сакам сета емоција сиот мој талент да го покажам на сите, да допре до сите мојата песна. Ќе се потрудам и во иднина да создавам и да бидам уште по активна и уште за многу песни да пишуваме вакави искуства.


ЖМ: Анета, Вие и приватно сте остварени во улогата на мајка. Какви совети најчесто им давате на вашите синови?

Анета В.Ј: Моите синови се растени во средина каде отсекогаш се третирани како личности кои имаат право на избор за било која проблематика. Се гордеам со сите нивни успеси пред сѐ тоа што се личности со емпатија, космополити и филантропи.

ЖМ: Анета, Ваша порака до мајките кои имаат синови?

Анета В.Ј: Нашите деца НЕ се наша сопственост, тие само поминуваат низ нас и треба да имаат свој живот, папочната врвца се сече веднаш по чинот на раѓање, колку побрзо децата се осамостојат и совладаат животни вештини толку ќе имаат поголема можност за остварување на личните цели. Само така можеме да имаме една здрава врска родител-дете. Каде детето ќе ги почитува своите родители и ќе им помогне во даден момент ако тоа е потребно.


Ирена Ставрова