Започна кампањата „#НемаОправдување – заедно против насилство врз жени и девојчиња“

Со симболично ѕвонење на портокалови ѕвончиња, претставници на Владата, Обединетите нации, Делегацијата на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, претставници од амбасадите во земјата, граѓанскиот сектор, активисти и медиуми, вчера вечер заедно го означија почетокот на годинешната кампања 16 Дена активизам, во портокалово осветлениот парк Жена Борец. 

На Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените, со овој настан започнуваат низа активности на социјалните медиуми, дебати и работилници под слоганот „#НемаОправдување – заедно против насилство врз жени и девојчиња“. 

„Може да слушнеме безброј причини за сторено насилство, но ниту една причина не е доволна за да биде оправдано, кое било насилство“, рече премиерот Зоран Заев. „Добро е што сме заедно во оваа кампања против насилството, затоа што само заедно и координирани можеме да го препознаеме насилството и да му се спротивставиме, и како општествено одговорни личности и како општества и држави.“ 

Во светски рамки, една од три жени е жртва на насилство. Насилството врз жените и девојчињата постои во најразлични форми, во кои влегуваат различните психички и физички акти на насилство што се случуваат секој ден.

 „Насилството врз жените, говорот на омраза и предрасудите се сè уште присутни. Наш приоритет е да обезбедиме заштита и поддршка за секоја жена и девојка. Наша борба е трајно да ги искорениме овие појави од општеството. За ваков свет, се бориме секој ден“, порача Мила Царовска, Министерка за труд и социјална политика.

 За Министерот за здравство, Венко Филипче, значаен напредок е остварен со воспоставување на центри за упатување на жртвите на сексуално насилство.

 „Согласно Истанбулската конвенција, три центри се веќе отворени во рамки на Универзитетската клиника за гинекологија во Скопје, како и во болниците во Тетово и во Скопје“, рече тој. 

Отворањето на овие центри е голем успех и за амбасадорот на Европската Унија во земјата, Самуел Жбогар. „Ѝ честитам на Северна Македонија за отворањето на овие центри и за сета работа спроведена по усвојувањето на Истанбулската конвенција.“

Според Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопјe, Клеменс Која, мора да се стави крај на молкот и стигмата за насилството врз жените. „Не смееме да бидеме безгрижни при такви злодела, туку треба да ставиме крај на сите форми на насилство врз жени и девојчиња, да обезбедиме соодветна социо-психолошка поддршка на жртвите и да им овозможиме да се чувствуваат сигурни и безбедни при пријавување на такви дела. За тоа е потребна институционална и општествена реакција“, рече Која. 

Градоначалникот Петре Шилегов информираше за Семејниот Центар што градот го поддржува, а кој функционира во рамките на Здружението нa граѓани Х.Е.Р.А. – Скопје и претставува советувалиште за превенција и заштита од семејно насилство нудејќи бесплатна услуга за корисниците. „Преку психосоцијалниот третман кој го добиваат корисниците во центарот и услугите од социјален работник, овозможуваме намалување на последиците од стореното насилство како и превенираме негово повторување или континуирано траење“, рече Шилегов. 

Резидентната координаторка на Обединетите нации, Росана Дуџак, порача дека секоја личност, маж или жена, може да придонесе за да се спречи насилството и тоа вообичаено не бара големи акции. „Може да се започне со подготвеност да се препознае тоа што се случува. Ако се види нешто, да се направи нешто. Да им се даде глас на тие што обично од срам молчат. Заедно можеме да ставиме крај на молчењето. Заедно може да се бориме против насилството врз жени и девојчиња. Зашто едноставно, за насилството нема оправдување.“ 

Цел на кампањата што ќе трае до 10 декември – Меѓународен ден на човековите права, е да поттикне дискусија, споделување и активно вклучување во борбата против насилството врз жените и девојчињата.

 Кампањата се надоврзува на овогодинешната глобална тема:„Обојте го светот во портокалово: Генерацијата Еднаквост зазема став против силувањето“. Портокаловата боја, која веќе години наназад се користи во рамките на оваа кампања, е избрана како симбол за посветла иднина и за свет ослободен од насилство врз жените.