Ана Бунтеска: Боли љубовта кога товар станува

Болат сите одмолчени нешта Кои лебдат во воздухот Меѓу двајца кои некогаш се љубеле А чија љубов низ годините станува тешка тишина И ги тера да заборават на лекоста Со која одамна се милувале И во ноќите нежно си шепотеле Болат сите одмолчени зборови Кои како земја врз ковчег налегнале И една педа простор меѓу двајца Станува длабока бездна Во која тонат сите убости И јазлите во мислите еден за друг што ги имале Гнијат дур умовите не им се исушат Болат Болат спомените во кои повеќе ништо нема Кои стануваат далечни како одамна одгледан филм На кој ниту насловот не му се памети А оние кои се во главните улоги Одамна ги нема меѓу живите Та само човек како низ густа магла Го чувствува својот пораз Боли Љубовта кога товар станува И плеќите не го додржуваат та крцкаат под тежината А срцето не баботи како некогаш Дур смеата гргорела меѓу двајца А погледите љубов им воделе И однатре пустош ги јаде Како тешка болест за која нема иљач И која клука однатре во душата Во ритам кој потсетува на погребен марш Боли заминувањето на љубовта Како што некогаш болело нејзиното доаѓање во нечие срце Од пусти страв дека не ќе преживее Та ко клетва која сам човек си ја става И навистина после години станала вистина И се оладила ко на сред зима Оставена облека надвор да се суши И крцка Се прекршува и цвили Ко и самата бол да носи во себе Боли Уште ме боли она што по тебе ми пееше И знаеше од сон со насмев да ме разбуди А еве сега Сега спијам без соништа И сонувам без да спијам И ми врват годините во осама Која ми станува најдобар пријател Оти боли Уште исто ме боли За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска