Ана Бунтеска: Нема голема љубов ако нема големи луѓе

нема голема љубов ако нема големи луѓе

кои знаат дека “прости ми” и ”те сакам”

се поголеми од секој, во лутина плукнат збор

кои знаат суетата да си ја впрегнат

и уздите од раце да не ги испуштат

чија кроткост е поголема од моменталниот бес

и мудри се да преспијат за да не дооплескаат

нема голема љубов

ниту некогаш ќе ја има ако оние кои се во неа, мали остануваат

ако таа не им даде сила да бидат големи во своите одлуки

да се борат за оној што покрај нив е

и да го љубат и чуваат небаре богатство е

тие, ете тие знаат оти не се љуби на секој чекор

и оти секој човек е скроен за само еднаш вистински да сака

и само еднаш во животот постои љубов до гроб

онаа вистинската која со себе в ковчег ќе ја однесат

та и со децении да спиеле покрај некој друг

нема голема љубов ако срцето е мало

ако е тесно и не се шири за во себе друго да прими

и трпение да има

да научи и туѓиот ритам да го чувствува како свој

и да остани со душа чиста

и тогаш кога црнила низ денот лијат

та да најди причина да се насмее на тој кој покрај него е

и рака да пружи

да се згрее и да згрее нечија рака

нема голема љубов

и нема никогаш да ја има

ако стравот е посилен од пилето во градите

и ако кусур се фаќа за сенешто

ако чоек со чоек во очи не се гледа

и во нив смисолот свој не го наоѓа

ако кавгите се посилни од воздишките

а тие пак, послаби од пцостите

и еве ме

уште учам

и јас еве на старост учам

како да љубам со сета себе

и како кусур да не фаќам

како да држам нечија дланка во својата

без да ми пречи туѓата топлина

без да го натпевам пилето

и без да му велам “шшшшшшшш, потивко”

еве ме

учам како голема во љубовта да бидам

како да ја негувам ко мало дете

и да ја почитувам ко стар чоек да е

оти нема голема љубов

ниту пак некогаш љубовта голема ќе е

ако мали во неа останеме

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска