Ана Бунтеска: Само мигот останува кај човека

Само мигот е вистинит

Само тој останува во сеќавањата

Мигот на среќа

И оној на бол

А се’ помеѓу е само приказна

Горе-долу секаде иста

Со различни актери и слично сценарио

Само мигот

Само тој останува како жиг на душата

Како лузна која вечно ќе те потсетува

Дека дур не научиш убаво да ракуваш со велосипед

Треба двете раце на рачките да ги држиш

И да стегаш доволно силно за да не паднеш

И доволно лабаво за да не ти се направат плускавци

Само мигот останува кај човека врежан во умот

И само тој знае лавина од мириси и звуци да предизвика

И да натера да се свиеш ко да те пресекол некој среде стомак

Само мигот моќ има за крила да ти даде

Или од земја безмилосно да те тресне

Само миг е потребен за да се вљубиш

Да ти се разлета душата

За ти зацрцори ко златно жолт билбил

И сила да ти даде небаре светот да го покориш можеш

Ете тој миг знае ќор да те стори

И да го гледаш само она што срцето сака да го види

А со разумот правиш скар на неодредено време

И тераш

Тераш денови

Недели и месеци

Години и децении можеби

Се’ до следниот миг

Кога будењето боли ко првото вдишување на новороденчето

И само ја гледаш љубовта како си заминува

Истрошена и остарена

Изветвена како износена облека

Собрана и тесна како одраснат чевел

Само мигот на разделбата боли

Кога од себе мигот на љубовта ќе го пуштиш

И потем долго со раширени дланки седиш

Дур не престане воздухот кој струи меѓу нив да пече

И полека ги собираш

Како птица, скршените крила

Како парчиња стакло од скршена чаша

И околу себе ги обмотуваш

Та се лулаш малку за телото да ти се утеши и смири

И се збогуваш со мигот

Без викање и бес

Туку само во себе се помируваш и си одиш

Што побрзо и што подалеку

До следниот миг...до следната љубов

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска