Денеска е Прочка – Обичаите велат ова треба да го направите

„Прости ми, да ти простам“ со овие зборови денеска верниците, на големиот празник, ќе забораваат на кавгите, на проблемите, на недоразбирањето и со чиста совест и душа ќе ги започнат велигденските пости. Прочка или Велики поклади, е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост.  Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на  седум недели пред Велигден. За Прочка семејството би требало да го помине празникот во пријатна и топла атмосфера и со богата трпеза. Помладите членови од семејството треба да побараат прочка од постарите членови со зборовите „прости ми“, а постариот член  одговара „простено да ти е од мене и од Бога“. Обичаи  На овој ден се изведуваат  богати обичаи како што се проштевањето, по што и празникот го добил името, потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници. Обичаите се стари и македонски, кои се пренесуваат од колено на колено меѓу генерациите. Мора да се напомене, дека од верски аспект, само простувањето како обичај има христијанска основа, додека други се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања. Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца. Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда. Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.