Има приказни за љубовта, но ниедна како нашата

ЉУПКА НАСКОВА-ЉУБИСАВЉЕВИЌ, СОПРУГАТА НА ПОКОЈНИОТ ПЕЈАЧ ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПО НЕГОВАТА СМРТ
„ Со Дуле бевме да даде крв, во средата, на 18 септември, а почина на 23 септември, во понеделникот. Правеше тумор тестови, кои покажаа дека има канцер на дебелото црево. Мене ништо не ми кажа. Им спомнал на неколку пријатели, кои ме известија по неговата смрт. Сите биле предупредени дека не смеат да ми кажат, ги преколнувал. Не можел да ме гледа како се нервирам. Тие денови често плачеше. Ќе го прашав: „ Погледни ме в очи и кажи ми што размислуваш? “, а тој ќе ме погледнеше и велеше: „Плачам од среќа, многу сум среќен со тебе и со Илијана. Ова ми е најубавиот дел од мојот живот“, раскажа Љупка на 24 октомври во 2013 година во својата исповед за весникот Вест. Дуле на клиниката за Токсикологија во Скопје беше примен доцна вечерта на 21 септември, а почина два дена подоцна.
Помина точно 21 година откако пошироката јавност ги запозна виолината и гитарата, на Макфест во 1996 година. Штипското дуо Дуле и Коки од дебитанти, станаа шампиони на нивниот омилен, домашен фестивал со песната „Виолина и гитара“. Пред тоа, а и многу години потоа важеа за кралеви на клупските свирки, и останаа кралеви до самиот крај, во 2013 година. На 23 септември таа година, од рак на дебелото црево почина Дуле, фронтменот на дуото, гитарата и гласот. Коки продолжи сам, со неговиот нов бенд „ Тајфата “. Дуле си замина само четири месеци откако се ожени со неговата голема љубов, струмичанката Љупка Наскова, со која беше во врска неколку години пред тоа. Нејзината ќерка Илијана, Дуле ја засака како своја. Поради ќерка ми, кафеаните ги заменив со игротеки и убаво ми е, изјавуваше тогаш Дуле. Љупка, која е наставник по англиски во скопското основно училиште Љубен Лапе, продолжи сама, на почетокот обидувајќи се да го одржи штотуку отворениот ресторан на Дуле, „ Доменика “, во кој тој вложи многу работа и љубов. Љупка подоцна го затвори ресторанот, и со помош на семејството и неколкумина пријатели се грижеше за својата ќерка, раскажувајќи и секој ден приказни за Дуле, кој многу ја сакаше. „ Многу тешко се справував со загубата. Секој ден ми беше многу тежок и ми поминуваше многу бавно. Пешачев секој ден по 20 километри, плачев по улиците и не знаев од каде да почнам. Од друга страна, имав обврски спрема пет годишното дете и работа со деца во училиштето, “ ја отвори душата Љупка за Женски Магазин, четири години по смртта на сопругот. Таа вели дека со Дуле ја врзувале три работи: почитта, љубовта и посветеноста. [caption id="attachment_1078" align="aligncenter" width="800"]Често знаеме да се потсетиме и да позборуваме со неа на местата каде што сме биле сите заедно, и да споделиме некој спомен од Дуле Илијана, Дуле и Љупка на нивната венчавка со Скопје, на 13 мај во 2013 година[/caption] „ Не е лесен животот на осамена жена. Тешко ми беше да се убедам самата себеси дека тоа е мојот живот и дека морам самата да се борам со секојдневието и со грижата за мојата ќерка, но и дека на крајот од денот никој не ме чека и со никого не можам да ги споделам добрите и лошите работи “, ни раскажа Љупка. И денес, секој нејзин ден со Илијана започнува исто како и порано, со гушкање. [caption id="attachment_1080" align="aligncenter" width="800"] Љупка со ќерката Илијана[/caption] „ Таа е веќе четврто одделение, и откако ќе ни завршат обврските, поминуваме добар дел од денот заедно пешачејќи, на кафе, или некаде на дружба со пријателите. Но, како што поминува времето и Илијана расте, се помалку ме дружи “, вели Љупка и додава дека Илијана ја врзуваат многу убави спомени за Дуле. „ Често знаеме да се потсетиме и да позборуваме со неа на местата каде што сме биле сите заедно, и да споделиме некој спомен од Дуле. Ми фали љубовта кон Илијана, неговата посветеност и хармонија во домот, заштитничкиот однос спрема нас двете“, се сеќава Љупка на својата љубов. [caption id="attachment_1079" align="aligncenter" width="800"] Дуле и Љупка[/caption] Долго време, таа не можела да ги слуша песните на Дуле. „ Ми ја зголемуваа болката и ми враќаа спомени “. Токму една од песните на Дуле и Коки, „ Песна за неа, песна за Струмица “, Дуле и ја посвети на својата струмичанка, на почетокот од нивната врска. „ Таа песна е направена како химна за Струмица, чиј спонзор беше тогашниот градоначалник Зоран Заев, но Дуле ми ја посвети на мене. Во тоа време, кога ја слушав, не можев да сфатам некои зборови толку јасно. Ми требаше повеќе време за да се пронајдам себеси во таа песна, за љубовта на Дуле кон „неа“ и кон Струмица.“ Од семејството на Дуле, Љупка е во контакт со неговата тетка која живее во Виена. „ Се почитуваме откако се запознавме до ден-денес. На секое нејзино доаѓање ја посетувам во Штип и заедно одиме на гробот на Дуле “, вели Љупка и додава дека со малкумина од старите пријатели на Дуле останала во контакт. „ Речиси никој не остана од старите пријатели. Другарка ми Радица Чаласан почина пред една година. Останаа Марјан од „Синтезис“ и Игор Џамбазов. Со нив токму во моментов зборував на телефон. Тоа се луѓе со огромни срца, ги обожавам “. На крајот од денот, кога обврските ќе завршат, а Илијана ќе заспие, Љупка вели дека размислува и верува дека ја чекаат подобри денови за неа и за ќерката.   „ Верувам дека постои љубов, и знам дека без љубов животот е монотон. Верувам дека еден ден пак ќе бидам сакана и ќе имам кому да му ги дадам мојата љубов и внимание. Знам дека таму некаде постојат убави денови и за мене “, ни раскажа Љупка. „ Има приказни за љубовта, но ни една како нашата. Дали голем грев ќе направам, ако нешто јас ти признаам? Што сум јас без тебе, име без презиме, толку луд сум по тебе “, се дел од стиховите на „Песна за неа“, кои за Дуле и Коки ги напиша авторот Александар Митевски. Тие се само дел од многуте со кои Љупка во своето срце го негува споменот на Дуле.   Со сопругата на Дуле, Љупка, за Женски Магазин разговараше Милица Џаровска