КОБНАТА БОЛЕСТ МЕ ОСТАВИ БЕЗ МАЈКА КОГА БЕВ ДЕТЕ

ИНТЕРВЈУ СО ТВ ВОДИТЕЛКАТА ИРЕНА СПИРОВСКА Мајка ми почина од рак на дојка кога имав 10 години. Знам како изгледа кога некој се бори со оваа болест и што значи тоа за целото семејство. Сочувствувам со сите оние кои водат борба со ракот. Нејзината ТВ приказна започна пред многу години кога сосема случајно во едно кафуле ја забележал ТВ режисерот Миле Гроздановски од тогашната ТВ Скопје. Во тој период, режисерот бил во потрага по нови лица, a бил сигурен дека го нашол вистинското. Дваесет и пет години подоцна, Ирена Спировска е синоним за успешна и богата телевизиска кариера. Таа е најангажираната водителка на промоциите на речиси сите познати поп и фолк-пејачи, како и многу културни и општествени настани. На Тв екраните, веќе 10 години ја гледаме на Алфа телевизија, каде што е уредник на деск. Мајка е на матурантката Зорица, и активен член на НВО „Борка“.   Женски Магазин - Кој беше твојот прв ТВ ангажман, откако режисерот те забележа? Ирена: Ми понуди веднаш ангажман, да снимам тв реклама, но бидејќи бев сè уште средношколка, најпрво се двоумев дали да прифатам и дали тоа ќе влијае на мојот успех во училиште. По разговорот со мојот татко и неговото одобрение, сепак ја прифатив понудата и ја снимив првата Тв реклама. Taка го заработив и првиот хонорар. Веднаш потоа станав дел од подмладокот на модната агенција „Моделс Ин“ и почнав да чекорам и по модните писти. Учествував и на Изборот за зимска убавица на Македонија, каде што го освоив првото место, а со тоа и директен пласман во финалето за Мис на Македонија. Во меѓувреме матурирав и се пријавив на аудиција за најавувачи, која ја имаше распишано Македонската Радио Телевизија. Од околу 200 пријавени девојки, влегов во потесниот избор од 20 кандидатки, од кои потоа само 10 беа хонорарно ангажирани во телевизијата. Меѓу нив бев и јас, па поради тоа одлучив да се откажам од учеството на изборот за мис на Македонија и решив да се посветам на телевизискиот ангажман. За мене тоа беше поголем и повозбудлив предизвик. Женски Магазин - Како гледаш на денешните избори за убавина? Ирена: Се трудам да ги следам изборите за убавина и се радувам секогаш кога нашите девојки освојуваат награди на интернационалните избори. Штета што кај нас немаме доволно финансии, сериозност и упорност да направиме од ваквите избори, вистински гала настан во кој ќе ужива и публиката и тие кои се на сцената. Во Македонија имаме преубави девојки, а ваквите избори се одлична можност на младите девојки да им се отворат вратите од модните сцени или пак како во мојов случај за други професии поврзани со сцената и со рефлекторите. Женски Магазин - Која беше првата ТВ емисија во којашто те ангажираа во МТВ? Ирена: По двомесечната обука која ја имавме во МТВ започнав да работам на најава на програмата. Талентот за водење, во мене први го препознаа Александар Сидоровски и сега веќе покојниот Диме Костовски од третиот канал на МТВ. Во тоа време овој канал нудеше забавна програма која беше многу популарна и гледана, а тие двајцата постојано мобилизираа нови млади луѓе да работат во Канал 3. Така добив шанса и задача да направам авторска емисија. Одлучивме емисијата да биде музичка и да биде посветена на забавните и народните македонски евергрини. Користевме црно-бели снимки од архивата на МТВ, а доајените на македонската музичка сцена ни раскажуваа во живо во емисијата за себеси и за нивната работа. Уште тогаш ја засакав многу македонската музика од постаро време, па бев пресреќна кога многу години подоцна во Алфа ТВ го направивме ТВ проектот „Еден бакнеж“, посветен на македонските евергрини. Женски Магазин - Имаш ли точна бројка, на колку Тв проекти си работела до сега, и имаш ли најдраг ангажман со најдраги спомени? Ирена: Не знам точна бројка, но знам дека секој од нив за мене бил предизвик и задоволство. Го издвоив погоре „Еден бакнеж“. Toa беше проект кој сите го работевме со особена љубов и ентузијазам, и музичката и телевизиската екипа. Сè уште луѓето кога ќе ме сретнат ми упатуваат пофалби за емисијата и прашуваат кога ќе направиме нов циклус. Ноќната емисија „Добра мисла“ исто така ми е еден од подрагите проекти. Тука се и фестивалите, концертот во МОБ посветен на Тоше Проески „Неговите арии“, проектот „50 години македонска евергрин музика“ во Универзална сала, јубилејниот концерт на Наум Петрески во Метрополис Арената по повод 30 години на сцената, 40 годишниот јубилеј на Милан Завков, јубилејниот концерт на Сузана Спасовска, 40 годишниот јубилеј на Рамадан Шукри, настапите со Н.У. ТАНЕЦ и уште многу други. Женски Магазин - Зошто престана да се емитува Еден бакнеж“ и има ли шанси да се врати на Тв екраните? Ирена: Посакувам да имаме прилика да направиме уште еден циклус од емисијата. Останаа уште многу непреработени песни и непрераскажани приказни од старите времиња. Се надевам дека еден ден ќе го продолжиме проектот. Женски Магазин - Те гледавме и во утринска и во ноќна програма, и како водител на настани и на промоции, кој дел од твојата работа е најтежок, и за која водителска задача ти треба најмногу време за подготовка? Ирена: Некој рекол: Работи го тоа што го сакаш и ниту еден ден нема да мораш да работиш! Јас ја сакам оваа професија и покрај тоа што понекогаш е навистина напорно. Но дури и во деновите кога сум лошо расположена, работата има позитивно влијание на мене и ме тера да заборавам на се друго, да се фокусирам на камерата или на публиката што е пред мене. Патувањата од град до град понекогаш ме заморуваат, особено ако е набиен распоредот, но сето тоа е дел од работата. Секоја професија има си има своја тежина. [caption id="attachment_2020" align="aligncenter" width="640"] Ги сакам надворешните спортови како скијањето, планинарењето, параглајдерството. - Ирена на лет со параглајдер летово[/caption]   Женски Магазин - Активист - волонтер си во НВО Борка и член на Извршниот одбор. Дали некое лично лошо здравствено искуство те натера да им помагаш на жените кои се борат против ракот? Ирена: Мајка ми почина од рак на дојка кога имав 10 години. Знам како изгледа кога некој се бори со оваа болест и што значи тоа за селото семејство. Сочувствувам со сите оние кои водат борба со ракот. Инциденцата на заболени од карцином на дојка сè уште е многу голема, но за разлика од порано сега медицината е многу напредна и постојат многу посовремени и поефикасни начини на терапија, што им дава многу поголеми шанси на заболените да ја победат болеста и да продолжат да живеат. Сепак, најважна е раната дијагностика и затоа е важно што почесто да се зборува за овие работи и да се подигне свесноста за редовните самопрегледи, ехо и мамографски прегледи. Сега е октомври, светскиот месец за борба против ракот на дојка, па сакам сите жени кои го читаат ова да се запрашаат кога последен пат ги прегледале своите дојки. Ќе бидам среќна ако барем дел од нив одвојат време за преглед. Раната дијагноза е најдобрата превенција и може да ви го спаси животот, вашите деца заслужуваат мајчина прегратка, вие заслужувате живот. Најдете време! Женски Магазин - Твоето хоби е планинарењето, на кои врвови до сега се имаш искачено и кои ти се предизвик за понатаму? [caption id="attachment_2012" align="aligncenter" width="270"] Највисокиот врв што го имам искачено е Триглав (2864 м.н.в.), но се надевам дека во иднина ќе имам прилика да искачам и некоја планина повисока од 3000 м.н.в. - Ирена на планинa[/caption] Ирена: Планините ги сакам уште од дете, можеби затоа што сум бивш извидник. Планината секогаш ме релаксира и ме инспирира, а во исто време ме челичи и ме зајакнува. Ги сакам надворешните спортови како скијањето, планинарењето, параглајдинг. Не сум некој екстремен планинар туку рекреативец. Највисокиот врв што го имам искачено е Триглав (2864 м.н.в.), но се надевам дека во иднина ќе имам прилика да искачам и некоја планина повисока од 3000 м.н.в. Македонија има прекрасни планински предели и сите се убави на свој начин. Ова лето уживав во искачувањето на Кобилица, Црно езеро, Љуботен, Кожуф. [caption id="attachment_2019" align="aligncenter" width="640"] Ги сакам надворешните спортови како скијањето, планинарењето, параглајдерството. - Ирена на лет со параглајдер летово[/caption] Женски Магазин - Колку години има твојата ќерка Зорица, што најмногу сакате да правите вие двете во слободно време? Ирена: Зорица е матурантка, неодамна наполни 18 години и сега е веќе полнолетна девојка. И двете ги сакаме патувањата, па најчесто кога имаме слободно време сакаме некаде да отпатуваме, а кога сме дома сакаме да гледаме филмови. Женски Магазин - До сега, во јавноста никогаш не се слушнала или објавила информација за твојот љубовен живот. Успеваш вешто да го криеш евентуалниот партнер и интимата или чекаш конкретен момент и конкретен партнер за да споделиш? Ирена: Свесно или несвесно, сите овие години љубовниот живот го ставив на маргините. Бев фокусирана на други нешта, на подигањето на ќерка ми, на работата, многубројните ангажмани. Сепак верувам дека секој од нас има своја идеална половина која ќе сретне порано или подоцна во животот. Женски Магазин - Како ја одржуваш линијата и убавината? Ирена: Пред сѐ благодарение на Господ и на добриот ген, а потоа и на умереноста и на дисциплината. Не пушам цигари, алкохол консумирам многу умерено, не јадам месо, сакам здрава храна и природна козметика. Поради недостиг на време не вежбам дополнително ништо, но затоа планинарењето ми помага во одржување линијата и кондицијата. Женски Магазин - Карактеристична си по твојата фризура, дали си помислила некогаш да ја смениш? [caption id="attachment_2011" align="aligncenter" width="480"] Кога имате кадрава коса всушност немате баш многу избор околу фризурата, можете да експериментирате со бојата и формата, но косата е таа, кадрава.[/caption] Ирена: Кога имате кадрава коса всушност немате баш многу избор околу фризурата, можете да експериментирате со бојата и формата, но косата е таа, кадрава. Неколку пати за на телевизија сум ја исправувала косата, па тогаш мислењата се поделени, на некои повеќе им се допаѓам со исправена, а на некои со кадрава коса. Исправувањето на косата одзема многу време, а и ја оштетува па затоа и го избегнувам. Кога водам некои посвечени настани често ја собирам косата, но секојдневно најпрактично и наједноставно ми е да ја носам пуштена. Женски Магазин - Редовна си на речиси сите концерти на Здравко Чолиќ во првите редови, а тој секогаш те поздравува од сцената со насмевка. Дали си долго негова обожавателка, и која ти е најдрага песна од него? Ирена: Израснав со песните на Здравко Чолиќ како и многу други генерации. Уживам да го слушам кога пее и секогаш кога можам ги следам неговите концерти, не само во Македонија туку и надвор од неа. Тој е голем професионалец и исклучителен човек. Тешко е да издвоиш омилена песна од Здравко. Од постарите сепак ќе ја издвојам „Ти си ми у крви“, а од поновите „Ноќ ми те дугује“. За Женски Магазин, Милица Џаровска